Најголемиот синдикат на транспортниот сектор во Велика Британија во средата најави нови штрајкови во ноември поради тековниот спор околу платите.
Националниот синдикат на железнички, поморски и транспортни работници (RMT) соопшти дека штрајкот ќе се одржи на 3, 5 и 7 ноември во услови на криза за трошоците на животот поттикната од хиперинфлацијата во земјата.
Годишната инфлација која во средата ја објави Заводот за статистика изнесува 10,1 отсто.
Преговорите за зголемување на платите веќе неколку месеци се во тек меѓу синдикатот и железничкиот оператор Нетворк Рејл (Network Rail) , но сè уште треба да се постигне договор откако синдикатот го одби зголемувањето од 8%.
„Нетворк Рејл се откажа од ветувањата за подобра понуда за плати и се обиде да наметне кратења на работни места, повеќе работни часови и штетни промени во нашето синдикално членување“, се вели во соопштението на RMT.
„Од една страна, тие им кажуваа на нашите преговарачи дека се подготвени да постигнат договор, додека планираа да ги торпедираат преговорите со наметнување неприфатливи промени во условите за нашите членови“, рече генералниот секретар на RMT, Мик Линч.
„Нашите членови се огорчени од овие дволични тактики и тие сега ќе одговорат со штрајк“.
Нетворк Рејл како одговор рече дека на маса е двегодишен договор од 8 отсто покачување плус попуст за патување и продолжена гаранција за работа до јануари 2025 година.
„За жал, раководството на RMT изгледа дека има намера да одржи штетни штрајкови наместо да им даде на своите членови да гласаат за нашата понуда“, велат од компанијата.