Далечните роднини на човечкиот вид, Неандерталците најверојатно не биле толку „диви и несофистицирани“ како што првично се мислеше. Врвот на нивната култура или барем остатоците од неа се лоцирани во пештера во Шпанија, со приказна стара над 60.000 години. Имале ли Неандерталците уметничка душа?
Првите слики 30 милениуми пред човечките
Ако најстариот цртеж од човечка рака е детектиран во пештерата Шове во Франција, тогаш „уметничкиот“ дострел на Неандерталците датира двојно порано, односно цели 30.000 години.
На научниците им беа потребни три години да утврдат дали трагите од боја во пештерата Ардалес се нанесени од праисторискиот подчовечки вид. Истражувањата на хемискиот состав утврдија дека цртежите во пештерата биле креирани од Неандерталците.
Во тој период човечката раса воопшто не била присутна во Европа. Затоа и првите слики на пештери им се препишуваат на Неандерталците, истиот вид кој се сметаше дека е скалило поназад во човечката еволуција.
Предисториски правец
Цртежите се нанесени со техниката „дување и расфрлање“, а боите се од надворешен материјал кој не припаѓа во самата пештера.
„Важноста на откритието е што го менува нашиот став кон Неандерталците. Тие биле многу поблиски до луѓето отколку што претпоставувавме. Неодамнешните истражувања покажаа дека им се допаѓале предмети, се пареле со луѓе и сега можеме да докажеме дека исто како и нас цртале во пештерите“, изјави Жоао Зилхао еден од истражувачите, пренесува Ројтерс.
Нацртани се мотиви од секојдневието на Неандерталците, но значењето на симболите на животни и простор околу живеалиштето не е утврдено, што дополнително ја разигрува фантазијата.
Изгубена уметност и симболи
За Неандерталците е познато дека имале основни форми на организиран живот, биле одлични ловци на големи животни, организирале погреби за своите мртви и креирале украси и симболи, но малку беше познато дека се занимавале и со уметност.
Секако, самиот термин уметност во некоја модерна или човечка форма на сфаќање, не е целосно применлив кај Неандерталците, бидејќи цртежите повеќе се однесуваат на симболично означување на просторот. Тие содржат и комуникациски елементи, а не чисто естетски, религиозни или култулорошки мотиви.
Тоа што уште повеќе ја зголемува фасцинираноста со цртежите е дека биле во континуитет обновувани и дополнувани во период од речиси над 10.000 години.
Последните Неандерталци исчезнале пред речиси 40.000 години. Тие делумно се мешале со хомо сапиенсот, модерниот човечки вид, кој мигрира од африканските предели кон Евроазија и потоа ќе стане доминантен на планетата, но иако дел од нивните гени се пренесле, како вид целосно ги снемува.