Автопат Подгорица-Колашин     Фото: MINA

Во Црна Гора денеска на Денот на независноста ќе бидат отворени првите километри од автопатот Подгорица-Колашин, односно делницата Смоковац-Матешево во должина од 41 километар.

Се работи за првата делница од идниот автопат од Бар до Бољаре до границата со Србија. Делницата Смоковац-Матешево има 20 мостови, 16 тунели и четири надвозници.

Ова ќе биде најголем и најсложен градежен проект во патната инфраструктура на Црна Гора. Половина од делницата е сочинета од вијадукти и тунели, а доказ за слoженоста на трасата е фактот дека возачите од правец на Подгорица патувањето ќе го започнат на 60 метри надморска висина, а по одредено време од патувањето ќе се најдат на 1.100 метри во планински дел.

Трасата на автопатот започнува од Смоковац, преку долината на реката Морача и продолжува преку Братоножички ниви и Пељев Брег во реонот на Ветерник.

Во продолжение преку Дединац, Мрки Крш, Заграѓ преку Косман излегува во долината на Увач. Од таму преку Честогаз и брдест предел западно од Тара завршува во зоната на Матешево.

Вкупната просечна должина на мостовите на главната делница е 6,1 километри или 15 отсто од вкупната должина на автопатот. Со 960 метри „Морачица” е најдолг мост, додека тунелот „Вјетерник” е долг речиси три километри.

Ширината на коловозот со две сообраќајни ленти е 10,15, а со три сообраќајни ленти, 11,2 метри во еден правец. Автопатот е покриен со повеќе од 600 камери, а сите камери во тунелите имаат можност автоматски да детектираат инцидент. Изградбата на приоритетната делница траеше седум години.

Цената на патарините ќе изнесува 1,5 евра за мотоцикли, 3,5 за автомобили и до 17 евра за најголемите камиони. Возењето на автопатот во првите седум дена ќе биде бесплатно. Главен изведувач на автопатот е CRBC, а „Монтепут” го изврши проектниот и градежниот надзор и подготовката на тендерската документација.

Tanjug
Популарни