Во Скопје започна состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони, чиј домаќин е македонскиот претседател Стево Пендаровски. Во улога на ко-домаќини на состанокот учествуваат претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ и претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар. На состанокот присуствуваат и претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, претседателката на Република Косово, Вјоса Османи Садриу, претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и членовите на претседателството на Босна и Херцеговина: Жељко Комшиќ, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ.
Во фокусот на годинешниот состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони во Скопје се европските интеграции, климатските промени и иселувањето на младите. Според официјално објавената програма на настанот, по официјалниот пречек на лидерите на земјите учеснички на процесот Брдо-Бриони од страна на македонскиот претседател Пендаровски, ќе се одржи пленеарен состанок на учесниците, а потоа и прес-конференција на на претседателите на Северна Македонија, Словенија и Хрватска, Стево Пендаровски, Наташа Пирц – Мусар и Зоран Милановиќ.
Процесот Брдо-Бриони првпат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска, во Брдо кај Крањ.
Процесот Брдо-Бриони е регионална инцијатива која поттикнува политички дијалог меѓу земјите од регионот со отворени прашања. Главната цел на процесот е целосна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.
Лидерите на земјите од Процесот Брдо-Бриони се состануваат најмалку еднаш годишно.