По неколкумесечно реставрирање, во нов сјај блесна Саат кулата во Приштина, како споменик на културното и историското наследство на градот.
Со средства на самата општина во износ од 70.000 евра и 40.000 евра донација од Европската Унија се заврши внатрешното и надворешното реставрирање и санација на објектот. Проектот го спроведе канцеларијата на УНДП во Косово.
По повод успешно завршување на проектот, во присуство на Перпарим Рама градоначалникот на Приштина и Нилс Кнудсен заменик постојниот претставник на УНДП Косово, свечено беа вклучени светлата на Саат кулата.
„Ние го цениме културното наследство и ја цениме нашата историја и тоа не е само за граѓаните на Приштина, туку и за сите граѓани на Косово, како и за сите посетители“, порача Рама.
Заменик-шефот на УНДП на Косово, Нилс Кнудсен, рече дека додека траела санацијата на овој споменик донеле студенти по архитектура кои внимателно го следеле процесот.
„Се чувствуваме среќни што сме дел од реставрацијата и оживувањето на овој споменик, како и дел од другите планови за реставрација на вакви историски споменици“, изјави Кнудсен.
По реновирањето, часовникот повторно работи, а ѕвоната сместени на врвот на кулата го означуваат точното време како некогаш. Саат кулата ќе може да свети во одредени бои во зависност од пригодата, а на отворањето беше осветлена во розева боја обележувајќи го октомври како месец за борба против ракот на дојката.
Саат кулата била изградена во 19 век во време на Османлиите.