За Курти демократијата е нелегитимна експропријација со која ја краде земјата од српските домаќини, рече Ракиќ / Photo: AA

Претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ денеска ги повика властите во Приштина што поскоро да распишат избори за нови градоначалници и општински собранија на северот на Косово и порача дека се подготвени да учествуваат на нив.

На прес-конференцијата, Ракиќ истакна дека косовскиот премиер Албин Курти, под изговор на демократијата и борбата против криминалот, секојдневно го тероризира српскиот народ и ги прави неподносливи условите за живот.

„За Курти демократијата е нелегитимна експропријација со која ја краде земјата од српските домаќини. Тој ја гледа борбата против криминалот со испраќање специјалци на север да апсат невини граѓани, да ги застрелаат и да ги однесат во приштинските каземати“, изјави Ракиќ.

Тој побара што поскоро да се распишат избори во четири општини на северот.

„Неопходно е овие лажни, незаконски и нелегитимни градоначалници и советници кои со месеци ги малтретираат нашите граѓани веднаш да си дадат оставки и да си заминат, да ги напуштат нашите згради, бидејќи не се претставници на нашиот народ. Нивната единствена цел е да ги малтретираат нашите граѓани“, рече Ракиќ.

Претседателот на Српска листа истакна дека политичките одлуки секогаш ги носеле во координација со Белград.

„ Затоа овој пат ќе го послушаме советот на претседателот Александар Вучиќ и денеска испраќаме порака дека сме подготвени да учествуваме на изборите на северот на Косово и Метохија и со тоа да поттикнеме политички процес и дијалог што би довело до исполнување на нашите услови, кои досега неколкупати ги потенциравме. Затоа бараме од Приштина што поскоро да распише вонредни локални избори за градоначалници и советници во сите четири општини на северот на Косово и Метохија“, рече тој.

TRT Balkan / агенции
Популарни