Ципрас по петнаесетина година лидер и еден мандат како премиер од Сириза, се повлекува од челното место на левичарската партија / Фото: AFP

Алексис Ципрас, поранешниот премиер на Грција и долгогодишен предводник на левичарската опција Сирија, објави дека се повлекува од претседателската позиција во партијата по претрпениот изборен пораз на последните парламентарни избори.

„Новата СИРИЗА е непосреден приоритет. Станува збор за квалитетот на нашата демократија, фронтот против екстремната десница и фашизмот“, нагласи Ципрас, наведувајќи дека нема да се кандидира на изборите за претседател на партијата.

Ципрас исто така при поднесувањето оставка истакна дека е горд на Договорот од Преспа со кој се реши деценискиот спор за името со Северна Македонија, што значело и враќање на меѓународниот углед на Грција.

По последователната победа на Нова Демократија на актуелниот премиер Кирјакос Мицотакис, опозициската Сириза треба да избере ново раководство, смета Ципрас и најави дека ќе остане активен член на партијата.

„Изборите на 25 јуни доведоа до крај на историскиот циклус. Сега е време заеднички да го отвориме следниот циклус“, изјави Ципрас на прес-конференцијата во главниот град Атина.

Алексис Ципрас 15 години ја водеше Сириза, а од 2015 до 2019 година ја вршеше функцијата премиер на Грција.

AA
Популарни