Во Меморијалниот центар во Поточари се погребани 6.721 жртва на геноцид     Фото: AA

Меморијалниот центар Сребреница - Поточари беше официјално отворен пред 19 години како трајно сведоштво и споменик на жртвите од геноцидот извршен во јули 1995 година на тоа подрачје.

На денешен ден во 2003 година, Меморијалниот центар во Поточари го отвори тогашниот американски претседател Бил Клинтон. Во Меморијалниот центар Поточари се погребани илјадници жртви на геноцидот од јули 1995 година, кој го извршија воени, полициски и паравоени формации од босанскиот ентитет Република Српска и од Србија.

Првиот колективен погреб во Меморијалниот центар Поточари беше одржан на 31 март 2003 година, а потоа беа погребани првите 600 идентификувани лица. Истата година, на 11 јули, се одржа уште еден погреб, а на 20 септември третиот погреб во таа година. Тогаш Центарот официјално го отвори Бил Клинтон, поранешен претседател на Соединетите Американски Држави.

Жртвите се од различни општини, а најмногу од областите Сребреница, Братунац, Власеница, Зворник и Милиќ.

Меморијалниот центар Сребреница - Поточари е единствена институција која се занимава со сеќавањето на геноцидот од јули 1995 година во Сребреница, но и со сеќавањето на воените операции од самиот почеток до крајот на војната. Тие на секој начин се обидуваат да го свртат вниманието на злосторствата што се случија и во другите општини во Босна и Херцеговина.

Во Меморијалниот центар во Поточари се погребани 6.721 жртва на геноцид, а се трага по повеќе од илјада убиени жители на Подриње.

Меморијалниот центар се состои од два дела. Првиот дел се гробиштата каде што се погребани посмртните останки на жртвите од геноцидот. Процесот на идентификување и закопување на жртвите продолжува секоја година. Ѕидот на сеќавање, во кој се испишани имињата на 8.372 жртви на геноцидот во Сребреница, се наоѓа и во внатрешноста на гробиштата.

Вториот дел на Меморијалниот центар се наоѓа во поранешната фабрика за акумулатори, која служела како седиште на холандскиот баталјон на ОН пред геноцидот и настаните од јули 1995 година.

Во Меморијалниот центар денес може да се видат изложби посветени на убиените, сведоштва на преживеаните и семејствата на жртвите на геноцидот. Има мултимедијална соба, како и простор дизајниран да ги едуцира посетителите за злосторствата извршени во и околу Сребреница и нивното последователно процесирање во меѓународните и домашните судови.

AA
Популарни