Претседателот на Република Српска Милорад Додик денеска изјави дека РС е над се и дека нема да го загуби 9 јануари како датум на формирање, бидејќи тоа е „историски факт“.
„Ако некој се осмели да иницира некакви спорови против некого во Српска поради нашиот Ден на Републиката и активностите што ги спроведуваме - РС ќе реагира со одреден сет мерки кои ќе покажат дека е подготвена да го брани своето право на 9 јануари и неговото постоење“, рече Додик на прес-конференција во Бања Лука.
Toj додаде: „Претходно на 21 ноември 1991 година донесовме одлука за формирање на Собрание на српскиот народ, а тоа собрание донесе одлука и никој немаше какви било приговори, тоа собрание не беше оспорено во легалниот и правниот систем на БиХ во тоа време“, објави Срна.
Тој нагласи дека во тоа време никој не помислил дека тоа е ден на кој дел од Србите го слават крштевањето на Свети Стефан, бидејќи најважна цел била да се оспори уривањето на правата на српскиот народ на ниво на Босна и Херцеговина, иако одлуката на Уставниот суд на Босна и Херцеговина да го забрани празнувањето на 9 јануари како ден на Република Српска се обидува да ја објасни преку приказната за наводна слава.
Додик на конференцијата најави дека во согласност со Уставот на БиХ и Уставот на РС ќе креира нов изборен закон на РС кој ќе биде упатен во собраниска процедура.
Тој нагласи дека овој закон нема да го попречува прашањето за избори за членови на Претседателството на БиХ и пратеници во Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ, кои ќе ги спроведе Централната изборна комисија, а сите други избори ќе бидат спроведена од страна на Републичката изборна комисија, која би била „засилена“ со овој закон.
„Во таа насока, многу брзо по консултациите што ги договоривме, ќе го предложиме текстот на тој закон до Народното собрание да го усвои по итна постапка. Не можеме да дозволиме изборниот процес да се води преку разни посредници“, рече Додик.
Тој рече дека пред усвојувањето на „тој закон ќе оди закон со кој ќе се забрани функционирањето и примената на одредбите од Изборниот закон на БиХ на територијата на Република Српска, според кој не можат да спроведуваат надлежност поврзана со изборите на локално ниво на територијата на РС“.
„Како ќе се реши во Федерацијата Босна и Херцеговина не е наш проблем“, рече Додик.