Библиотеката АЛ-БИ во демирхисарското село Бабино е позната како најмалата библиотека во светот/     Фото: ТРТ Балкан 

Библиотеката АЛ-БИ во демирхисарското село Бабино е позната како најмалата библиотека во светот. Ова мало село, кое е оддалечено 150 километри од македонската метропола Скопје, има најмногу учители и книги по глава на жител во светот.

Она што е помалку познато, а карактеристично за селото Бабино и библиотеката е дека имала значително влијание врз миграциските процеси во ова место.

Библиотеката во 19-тиот век била место каде луѓето од околината доаѓале и се образувале. Потрагата по знаење потоа ги поттикнала да заминат во другите околни места, но и ширум земјата каде работеле како просветни работници.

Ова, во разговор за ТРТ Балкан, го потврдува Стеван Степановски, сопственикот на библиотеката АЛ-БИ.

Фото: TRT Balkan

Расте интересот на иселениците од Бабино

Меѓу другото, истакнува дека заради интересот за посета на библиотеката АЛ-БИ, во Бабино се зголемила и цената на недвижностите, што според него е феномен вреден за подлабоко истражување и анализирање.

„Библиотеката ги врати луѓето назад и сега доаѓаат и оние кои 50-60 години биле иселени, сега оживува селото и околу 20 куќи се доградуваат, се прават неколку куќи за сместувачки капацитети. Од тоа индиректна корист има и локалното население, и угостителските објекти”, открива Степановски.

Тој објаснува дека библиотеката во селото ја посетуваат 3.500 посетители, како и дека таа станала „култно место”.

Фото: TRT Balkan

Библиотека со мултифункционален карактер

Низ разговорот, Степановски не запознава дека во библиотеката и нејзиниот двор, кој има своевиден амфитеатар, се реализираат бројни активности како предавања, промоции, презентации, настани во соработка на деца со попреченост, а организирале во неколку наврати и крводарителски акции со припадниците на Армијата на Република Северна Македонија.

За тоа како библиотеката успеала да биде функционална и ден денес, Степаноски потенцира дека за него таа значи живот.

„Јас сум голем љубител на книгата, светот е книгата, јас живеам со книгата и во светот на книгата”, вели тој.

Историјата на библиотеката датира од 1882 година кога неговиот прадедо како и сите војници во тоа време, често, наместо со пари биле исплаќани со книги.

Фото: TRT Balkan

Книжен фонд на библиотеката со над 20.000 наслови

Богатиот книжен фонд се создавал на различни начини вели Степановски, нагласувајќи дека нема начин кој може да се исклучи во содавањето на овој книжен фонд.

„Книжниот фонд со над 20.000 наслови се направил преку купување, подароци, носење книги од различни страни на светот, тука е ангажирано целото семејство. Сега во Лисабон е купен Англиско-португалски речник печатен во 1894 година”, раскажува Степановски.

Во овој книжен фонд создаван во изминативе 140 години се чуваат првите македонски изданија печатени пред 1946 година, односно граничната година на старопечатените книги, согласно библиотечните стандарди.


Тука се чуваат книги печатени во Багдад, Техеран, Истанбул, Анкара, на турски, арапски и персиски јазик.

Според Степаноски, библиотеката АЛ-БИ е дом и на комплетно македонско фолклорно творештво.

Освен книги, во библиотеката се чуваат и фотографии од Првата светска војна на непознат германски воен известувач кој го следел фронтот Темишвар до Егејскиот регион.

Во библиотеката го има и „Новиот завет“ од 1874 година. Има и ретко издание на списанието “Sırat-ı Müstakim”, постаро од еден век, кое го уредувал Мехмет Акиф Ерсој, авторот на химната на Туркије (Турција).

За влез во „татковината на книгата“ потребен е симболично изработен пасош со кој можете да ја посетувате библиотеката и да го користите нејзиниот книжен фонд.


Која е врската помеѓу Ибрахимовиќ и Бабино?

За природните убавини на селото Бабино и неговата библиотека се заинтересирал и светски познатиот фудбалер Златан Ибрахимовиќ, податок кој го потврдува и Степановски.

„Ова е село на учени луѓе. Одовде потекнува еден од потпретседателите на Париз, тој му го претставил [на Ибрахимовиќ] ова село. Tој има понагласена љубов кон ловот и риболовот, кога му го претставил тоа потпретседателот на Париз, се заинтересирал Ибрахимовиќ и негов претставик престојувал во селото за да се информира за местото и неговите убавини”, открива сопственикот на библиотеката во Бабино.

TRT Balkan
Популарни