Италијанскиот град Кремона, сместен во прекрасната Ломбардија и главен град на истоимената провинција, познат е по богатството и раскошната архитектура.
Сепак, она што ја прави Кремона посебна и важна точка на светската карта е долгата традиција на изработка на виолини.
Жичени инструменти, како што се виолини, виоли, виолончела и контрабаси, се произведуваат во овој град околу 500 години.
Транзитна маршута низ историјата
Кремона, изградена на бреговите на реката По, на северот на Италија, оддалечена 90 километри од Милано, поради својата географска положба отсекогаш била транзитна маршрута низ историјата.
Овој град има посебно значење од музички аспект.
Пет века музички центар на мајсторите за изработка на виолини Позната како „престолнина“ на виолината, Кремона пет века е музички центар на мајсторите за изработка на виолини и други инструменти.
Изработката на виолини во Кремона, која ја започна Андреа Амати во 16 век, продолжи со Никола Амати и Андреа Гварнери во 17 век.
Легендарниот мајстор Страдивари
Најдобар студент на Амати, ни помалку ни повеќе, бил Антонио Страдивари - талентиран уметник што ги следел чекорите на својот учител, а подоцна почнал да произведува помали виолини со посилен звук.
Со текот на времето виолините на Страдивари стануваат сѐ попопуларни. Легендарниот италијански мајстор во текот на својот живот произвел повеќе од 1.100 виолини, виоли, гитари и чела. Денес постојат околу 600 инструменти на Страдивари, а речиси секој слушнал за нив под латинската верзија на презимето на овој уметник - Страдивариус.
Покрај овие мајстори, Кремона е дом и на музеи во кои се изложени виолини, приказ на развојот на виолините и непроценливи виолини на светски познатите мајстори.
„Виолината се произведува во Кремона веќе 500 години. Кремона сѐ уште е историска колепка на изработката на виолини. Дури и денес постојат многу мајстори лутиери (мајстори на гудачки инструменти), над 180 работилници, во кои се произведуваат инструменти“, рече Вирџинија Вила, директорка на Музејот на виолината.
Таа потсети дека приказната за виолината во Кремона започнала пред 500 години со Андреа Амати.
„Имаме некои од инструментите на овој мајстор. Тие се важни бидејќи овој мајстор донекаде го одреди обликот на виолината“, појасни Вила.
Зборувајќи за значењето на Музејот, рече дека на тоа место се нуди можност на точен начин да се слушне виолината на Страдивари, Амати или Џузепе Гварнери.
„Овој музеј е зграда од првата половина на 20 век. Зградата е целосно реставрирана и повторно е отворена пред 10 години. Се состои од 10 оддели“, рече Вила.
Таа истакна дека покрај инструменти од времето на големите мајстори, познато како златна доба, има и околу 50 инструменти од 18 и 19 век и над 30 инструменти од најново време, изработени последните години.
Рачна изработка на инструментите
Стефано Конија има единствена, автентична работилница во Кремона и веќе три децении е лутиер.
„Рачно ги изработуваме сите инструменти. Последните години имаше масовно производство, а потоа индустриско производство, но не можат да ни конкурираат бидејќи ние создаваме уникатни инструменти. Мајсторот ги дава својот идентитет, срце, интерпретација и потпис додека го изработува својот инструмент. Машината не може да му го даде тоа“, појасни Конија.
Со изработка на инструменти се занимава веќе 36 години. Конија ги следи стапките на својот татко и дедо.
„Имам три деца. Засега никој од нив нема желба ниту ентузијазам да се занимава со ваква работа. Затоа, можеби оваа семејна традиција нема да продолжи во иднина“, додаде Конија.