Овој портрет е дел од приватна колекција од 1960-те, чиј сопственик сега го отстапил за да биде изложен на јавноста / Photo: Reuters

Ремек-делото на италијанскиот барокен мајстор Караваџо „Монсињор Мафео Барберини“ за првпат ќе биде изложено во палатата Барберини во Рим од 23 ноември до 23 февруари следната година, објавија денеска италијанските медиуми.

Овој портрет е дел од приватна колекција од 1960-те, чиј сопственик сега го отстапил за да биде изложен на јавноста, објави Анса.

„Тоа е слика на Караваџо која сите сакаа да ја видат со години. Никогаш не била изложена на ниту една изложба“, изјави директорот на Националната галерија на античка уметност на палатата Барберини, Томас Клемент Саломон.

Еден од кустосите на галеријата, Паола Ничита, вели дека тоа не е дело кое е повторно откриено, иако за него се знаело уште од 60-те години на минатиот век, но оттогаш го виделе само пет-шест експерти.

Таа посочи дека треба да се земе предвид и фактот дека портретите што ги направи Караваџо се многу ретки, некои од нив се изгубени, а некои не може да им се следи трагата, што го прави ова дело уште повредно.


TRT Balkan / агенции
Популарни