Меѓународни ликовни средби во знак на сеќавање на геноцидот во Сребреница / Photo: AA

Во организација на Бошњачкиот национален совет (БНС) во Северна Македонија, во Градскиот парк во Скопје се одржуваат Меѓународни ликовни средби „Сребреница“, со цел одбележување на 28 години од геноцидот врз Бошњаците во Сребреница, Босна и Херцеговина.

Во име на организаторот на Меѓународните ликовни средби „Сребреница“, академик проф. д-р Фехим Хусковиќ рече дека ова е само еден од низата настани што со години наназад ги организираат Бошњаците од Северна Македонија, со цел потсетување на жртвите од геноцидот во Сребреница.

„Уметници од Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора, Бугарија, Турција (Туркије), Косово … Овие средби, пред сѐ, имаат неколку цели, а една од целите е уметниците да се запознаат и заедно преку разговор да дојдат до интересни идеи, размена на искуства и, она што е најважно, поводот е токму Сребреница“, истакна Хусковиќ.

Тој информираше дека уметничките дела што сега ги креираат уметниците ќе бидат претставени на 11 јули во Скопје кога ќе се одржи традиционалниот Марш за сеќавање на геноцидот во Сребреница, како и дека нивните дела ќе бидат прикажувани во текот на целата година во различни градови во земјите од регионот.

„Самите уметници дадоа одредени пораки, Сребреница никогаш да не се повтори. Треба да се живее за деновите на Сребреница бидејќи со Сребреница знаеме да се потсетиме. Во овие матни и чудни времиња луѓето треба често да се потсетат трезвено да размислуваат и да ги анализираат работите и да дејствуваат таму каде што живеат и да се дадат себеси во општеството и многу пошироко“, додаде Хусковиќ.

Проф. д-р Алајбеј Караоглу, професор и уметник од Анкара, нагласи дека овие денови е во Скопје со уметници од регионот, со цел да се потсетат на геноцидот во Сребреница кога пред „28 години беа умрени човековите права во срцето на Европа“.

„Ова што го правиме е реакција со јазикот на уметноста. Ние, како уметници, продолжуваме да ги покажуваме нашите одговори секаде каде што нашиот народ има проблем бидејќи ние сме за демократија, ние сме за обединување на луѓето, веруваме дека луѓето ќе се издигнат преку уметноста и пријателството“, нагласи Караоглу.

​​​​​​​Тој додаде дека ќе продолжат со уметничките активности „не само за Босна туку и за Карабах, за Азербејџан, за Хоџали, за Палестина“, нагласувајќи дека турските уметници секогаш се на страната на правдата, мирот и вистината.

TRT Balkan / агенции
Популарни