Меѓуучилиштен конкурс за цртеж „Мојот град од соништата со Туркиш ерлајнс“ / Photo: AA

Туркиш ерлајнс (THY) организираше свечено доделување на наградите за учесниците на меѓуучилишниот конкурс за цртеж „Мојот град од соништата со Туркиш ерлајнс“.

Во канцеларијата на THY во Скопје беше организирано свечено доделување на наградите за наградените ученици на кое присуствуваа амбасадорот на Туркије во Скопје, Фатих Улусој, претставници на турските институции и организации во земјата, членови на натпреварувачкото жири, наставници, ученици и нивните семејства.

Во својот говор амбасадорот Улусој му се заблагодари на Туркиш ерлајнс што ги инспирира младите со оваа активност.

Истакнувајќи дека THY, како почитувана авиокомпанија не само во Туркије туку и во светот, носи милиони луѓе до саканите и до нивните соништа, Улусој рече:

„Овој натпревар е добар пример за мисијата на Туркиш ерлајнс да ги зајакне културните врски меѓу општествата.“

Улусој рече дека учениците од цела Северна Македонија што учествуваа на натпреварот и со цртежите ги прикажале своите градови од соништата заслужуваат голем аплауз и додаде дека секое дело покажува колку е богата имагинацијата на учесниците.

Опишувајќи го натпреварот како можност за зајакнување на културните врски што произлегуваат од заедничката историја, Улусој рече:

„Широката мрежа на летови на Туркиш ерлајнс низ светот обединува различни култури, што ни олеснува да се разбереме и да ги зајакнеме нашите пријателства. Инвестициите на Туркиш ерлајнс во области, како што се образованието, уметноста и спортот ни овозможуваат да гледаме кон иднината со надеж. Ќе продолжиме да ги инспирираме нашите млади и да ги подготвуваме за иднината со тоа што ќе се здружиме во уште многу проекти поддржани од Туркиш Ерлајнс.“

Улусој им честиташе на учениците што успеале да се рангираат меѓу наградените и им посака континуиран успех.

Менаџерот на THY во Скопје, Улкер Шуле Аксој, потсети дека ги замолиле учениците да ги насликаат градовите од своите соништа во рамките на конкурсот за цртеж што го организирале првпат оваа година како THY.

Наведувајќи дека со поддршка на Министерството за образование на Северна Македонија стигнале до приближно 4.000 ученици од 450 училишта од секој дел на земјата, Аксој рече дека успеале да допрат и до деца што учат и во училишта во најоддалечените делови на Северна Македонија.

Зборувајќи дека добиле приближно 1.000 цртежи, Аксој рече: „Додека поединечно ги оценувавме со нашето вредно жири, не само што бевме сведоци на имагинацијата на нашите ученици, туку почувствувавме и колку биле возбудени додека ги изработувале цртежите.“

За вложените напори и придонес во реализацијата на настанот, Аксој им им се заблагодари на Министерството за образование на Северна Македонија, членовите на жирито, деканот на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Славица Јанешлиева, директорката на Народниот музеј на Македонија, Дита Старова Ќерими, деканот на Меѓународниот Балкански Универзитет (ИБУ) на Факултетот за ликовни уметности, проф. д-р Александра Ристовска, на наставниците, семејствата и на учениците.

Во рамките на настанот на осум ученици од различни основни и средни училишта од државата, кои учествуваа на натпреварот и победија, им беа врачени различни подароци, меѓу кои и авионски билети за нивниот „град од соништата“.

AA
Популарни