Со низа културни и научни манифестации изминатиот викенд се одбележа 28 Септември - Меѓународниот ден на Бошњаците. На 27 септември петок, во организација на Бошњачкиот национален совет (БНС) се одржа свечена академија во Куршумли ан во Старата скопска чаршија на која присуствуваа пратеници од Собранието на РСМ, амбасадорот на Република Туркије Фатих Улусој, претставници на политичките партии, претставници на граѓански организации, како и бројни поканети гости од земјата и регионот.
Свечена академија: 28 септември е еден од најзначајните датуми за Бошњаците
Свечената академија во својство на домаќин и организатор ја отвори претседателот на БНС во Северна Македонија, Џевад Хот, кој во својот говор ја нагласи важноста на континуираното одбележување на Денот на Бошњаците во земјата, но и регионот генерално, нагласувајќи дека е особена важност помладите генерации да бидат информирани и едуцирани за најважните моменти и околности поврзани со историјата на Бошњаците.
Меѓу другото, Хот потенцираше дека токму 28 септември 1993 година е еден од најзначајните датуми во поновата историја на Бошњаците. Тој нагласи дека со одржувањето на себошњачкиот собир во Сараево пред 32 години, Бошњаците го вратиле своето историско име Бошњак, со што ја исправиле неправдата која им била нанесена.
Честитка од амбасадорот на Туркије
Меѓу присутните гости беше и турскиот амбасадор во Скопје Фатих Улусој, кој упати честитки по повод Меѓународниот ден на Бошњаците и посака успех, среќа и просперитет на бошњачката заедница во земјава, како и на севкупното мултиетничко општество во земјава. Кенан Врбањац од хуманитарната организација „Мерхамет“ од Босна и Херцеговина се обрати пред присутните на свечената академија, пренесувајќи ги поздравите од граѓаните на БиХ по повод Денот на Бошњаците, посакувајќи им успех на секое поле.
На присутните Денот на Бошњаците го честиташе и Кењан Врбањац, претседател на хуманитарната организација Мерхамет од Босна и Херцеговина.
По завршување на пригодните обраќања следуваше културно-уметничката програма во рамките на која настапија хорот „Стамбол“ од Нови Пазар, а дуото Илма и Илда Нурковиќ од Црна Гора ја импресионираа публиката со изведба на традиционалните севдалинки кои се културно обележје на Бошњаците. Со своите интерпретации на севдалинки културната програма ја збогатија и Изет Идризовиќ и Јасмин Идризовиќ од Скопје.
Свечената академија се одржа со поддршка на турскиот културен центар Јунус Емре во Скопје, а под покровителство на Бошњачкиот демократски сојуз и претседателот Мунир Колашинац.
СДА на Македонија го одбележа Денот на Бошњаците
Свечен прием по повод Денот на Бошњаците во Скопје организираше и Странка на демократска акција (СДА) на Македонија. Меѓу присутните на прославата беа личности од јавнио живот, претставници на политичките партии, пратеници во Собранието на РСМ, како и претстанвици на цивилниот сектор. Пред присутните се обрати претседателот на СДА на Македонија, Џелал Хоџиќ, кој потсети на важноста на Бошњачкиот сабор, одржан на 28 септември 1993 година, во Сараево кое тогаш било под опсада, а притоа била донесена одлуката да се врати историското име „Бошњак“ и историското име на јазикот „босански“.
Хоџик во своето обраќање пред присутните нагласи дека интересите на бошњачкиот народ се компатибилни со интересите на Северна Македонија, а тоа се, како што рече, „негувањето на демократските вредносит, членството во НАТО и ЕУ, развој на економијата, мирот и стабилноста. Во музичкиот дел од програмата настапи гудачкиот квартет предводен од Пламенка Трајковска.
Манифестација за одбележување на Денот на Бошњаците во Горно Оризари
Во организација на Месната заедница на Горно Оризари, Општина Велес, а во соработка со наставниците и учениците од основното училиште „Рајко Жинзифов“, се одржа културна манифестација со која беше одбележан Денот на Бошњаците.
Со песни и рецитали на босански јазик учениците ја потсетија публиката на важноста на мајчиниот јазик за заштита и негување на различните културни вредности во мултиетничките и мултикултурните општества. Пред присутните во својство на домаќин се обрати претседателот на месната заедница на Горно Оризари, Енвер Карталовиќ, кој го честиташе празникот и нагласи дека Бошњаците во Северна Македонија веќе 16 години во континуитет го одбележуват овој празник истакнувајќи ги и промовирирајќи ги своите културни и традицонални вредности со кои како народ се гордеат.
Карталовиќ потенцираше дека е важно младите да продолжат да ја негуваат традицијата на одбележување на својот национален ден, со што од заборав ќе ја зачуваат својата богата бошњачка традиција и култура.
Денот на Бошњаците одбележан и во основните училишта
Со културно-информативна и едукативна програма Меѓународниот ден на Бошњаците - 28 септември, се одбележа и во основните училишта во кои се изучува босанскиот јазик во Северна Македонија, меѓу кои се ОУ „Рајко Жинзифов“ во Горно Оризари, ОУ „Алија Изетбеговиќ“ во Батинци при Општина Студеничани, ОУ „Дитуриа“ во Љубин при Општина Сарај, ОУ „Братсво Единство“ во Средно Коњари при Општина Петровец, ОУ „Мирче Ацев“ во Лажани при Општина Долнени.
Денот на Бошњаците
За потсетување, со измените на Законот за празници во Северна Македонија, на 8 февруари 2007 година во македонското Собрание 28 септември е прогласен за Ден на Бошњаците во земјата.
Според последниот Попис на населението спроведен во 2021 година, во Република Северна Македонија живеат 16.042 Бошњаци, односно 0,87% од вкупното население.