Наградата за трајни вредности и особен придонес во документаристиката на 14 - тото издание на „Меѓународните награди за документарци“ во организација на Турската радио телевизија (ТРТ), заврши во рацете на македонската режисерка Тамара Котевска.
Котевска која беше и членка на жирито во интернационалната програма во рамки на фестивалот, во објава на социјалните мрежи напиша дека ваквата поддршка и соработка очекува да продолжат и во иднина.
„ТРТ беше првата филмска институција која ѝ додели награда на „Медена земја“ уште како дело во развој на Сараевскиот филмски фестивал 2017 година, тие беа првите што ја препознаа нашата работа во многу рана фаза кога оваа поддршка беше клучна за снимањето на филмот. ТРТ го поддржа и мојот прв игран филм „Човек против јато“ кој е во претпродукција“, напиша Тамара на Фејсбук додавајќи дека наградата ѝ била прекрасно изненадување.“
Последниот документарен филм на Котевска „Патување пеш“ имаше светска премиера на 9 ноември во Њујорк, на Њујоршкиот фестивал на документарни филмови.
Тамара е и првата македонска авторка која одржа говор на гала настанот „Светла! Камера! Влијание!“ на 80. Венециски фестивал.
Во 2020 година пак, Котевска имаше и две номинации за Оскар за документарецот „Медена земја“ во категорија за најдобар документарец и за најдобар странски филм. Тоа беше првиот македонски филм со две номинации за Оскар.
Инаку, 14 - тото издание на Меѓународните награди за документрани филмови кое се одржа во Истанбул траеше четири дена. За време настанот, на публиката и беа прикажани домашни и меѓународни документарни филмови кои се натпреваруваа во различни категории како и специјални селективни филмови, што ја збогатија документарната клима во Туркије.
„Објектив на демократијата“ е награден за најдобар филм во меѓународната категорија, додека „Фланер“ е избран за најдобар филм во националната професионална категорија.
Генералниот директор на ТРТ, Мехмет Захид Собачи во своето обраќање рече дека овој настан е најголем фестивал на документарен филм во Туркије.