Министерот за култура на Република Северна Македонија Зоран Љутков, при денешната работна посета на НУ Кинотека, потенцираше дека македонското аудиовизуелно наследство е многу значајно, но значајно е да се одржува и да има средства за тоа.
„Изминатите седум години, токму оваа институција, која е најстара институција задолжена за чување на аудиовизуелното наследство, во споредба со периодот пред 2017 година, имаше намален буџет за речиси 50 – 60 проценти, што ја покажува и недоволната посветеност на претходното раководство за грижата кон филмското наследство“, рече министерот Љутков, најавувајќи зголемување на буџетот за оваа национална установа.
Министерот Љутков потсети дека Кинотеката на Македонија во 2009 година беше меѓу водечките европски филмски архиви обезбедувајќи климатизирани депоа по меѓународни стандарди за чување на македонското филмско наследство, а во 2011 година беше меѓу првите европски филмски архиви од регионот коишто започнаа со реализација на долгорочниот проект за дигитализација и дигитална реставрација на аудиовизуелното наследство.