Малкумина знаат дека дел од познатите маски од карневалот во Венеција се произведуваат во Скадар, Албанија

Малкумина знаат дека дел од познатите маски од карневалот во Венеција се произведуваат во Скадар, Албанија. Производството на уметнички маски ги претвори музејот и фабриката за производство на маски во Скадар во уникатна туристичка дестинација, како од аспект на разновидноста, така и од аспект на славата при нивната употреба во светот.

Пасиониран за уметноста, особено сликарството и скулптурата, албанскиот уметник и претприемач Едмонд Ангони основаше фабрика и музеј за маски. Овие маски се наменети за извоз и се користат масовно дури и на познатиот карневал во Венеција.

Пет години откако емигрирал во Италија, во 1997 година Ангони решил да ја отвори фабриката за уметнички маски во Скадар, која денес се нарекува „Венециска уметност“, инспирирана од неговиот живот во Венеција во годините на емиграција.

Маските се поделени во неколку категории

Антони кој и самиот се занимава со моделирање на маски, вели дека подготовката на маска поминува низ 12 процеси, од смесата наречена „изџвакана хартија“, преку моделирање па сè до нејзино украсување. Главните материјалите за изработка на маските се хартијата, пердувите, скапоцените камења и разни акрилни бои.

„Од почетоците на маските, од „commedia dell'arte“, денес има околу 1.700 модели создадени во нашата компанија „Венециска уметност“ која има околу 30 вработени. Има и посебна лабораторија каде што се прави смесата која е основата на маските“, вели тој.

Ангони посочува дека маските се поделени во неколку категории, како карневалски маски, маски за балет, украси за домови и за разни намени.

„Нашите маски се наменети целосно за извоз. Главно најголемиот дел е Венеција, каде што имам 8 продавници распоредени во главните историски точки на Венеција, тоа се важни продавници, навистина се многу убави продавници. Дестинацијата на маските се и Австралија, Лас Вегас, Дубаи, Франција, Велика Британија, Шпанија, во регионот, овде имаме во Котор, во Будва“, нагласува Ангони.

Вработените, од кои повеќето се и уметници по професија, рачно ги украсуваат маските во просториите на фабриката, произведувајќи илјадници маски годишно од различни модели.

Во меѓувреме, маските произведени во фабриката во Скадар се продаваат по различни цени, од 20 до 2.000 евра, според моделите и намената на нивната употреба.

Музеј на маски

Дел од „Венециската уметност“ е и музеј на маски, кој е една од туристичките атракции на Скадар, привлекувајќи го интересот на домашните и странските посетители.

Ангони вели дека она што го прави посебен овој музеј кој има илјадници маски е тоа што е целата историја на создавањето на маските, од отворањето на работилницата до денес.

„Овде во изложбениот салон има околу 700-800 модели на маски, но во иднина идејата е да се создаде вистински музеј со сите маски што се зачувани“, рече Ангони.

Околу 20.000 маски се извезуваат во Венеција за карневали годишно, кои се произведуваат во Скадар и илјадници други во различни земји во светот.

AA
Популарни