Изложба во МАНУ: Три генерации Ташковски /  Фото: МАНУ

Во изложбениот салон на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) на 11 април се отвори изложбата „Три генерации Ташковски“ на која се претставени слики на Ристо Ристовски, втемелувач на македонската наива, кој е татко на академик Владо Ташковски, негови дела како и од неговата ќерка, современата ликовна уметница Лара Ташковска.

По повод изложбата академик Ташковски се осврна на уметничките дела создадени во текот на изминатите неколку децении, а кои се претставени на изложбата.

„Сликите на оваа изложба Корени-три генерации се насликани во последните седум години од мојата последна јубилејна изложба во МАНУ, а со кои пополнувам празнини од циклусите и темите што сум ги работел повеќе од 60 години”, изјави академик Ташковски.

Ристовски е роден 1912 во Нижополе, Битола, починал во 1989. До јули 1928 се занимава со земјоделие, а од август истата година учи шеќерџиски занает во Скопје во бонбонџиската работилница Европа.

Со сликарство активно почнува да се занимава од септември 1976 до јуни 1982. Во тој период насликал 314 слики во техника темпера. Имал изложби во Скопје, Охрид, Битола, учествувал на групни изложби во Кавадарци, Гевгелија, Куманово, Скопје.

Академик Васко Ташковски, син на Ристо Ристовски, е роден 1937 во Нижополе, Битола. Дипломира на Академијата за применета уметност во Белград 1964. Покрај сликањето во маслена техника работи и акварел, цртежи и графика. Има реализирано 52 самостојни изложби, а учествувал и на повеќе групни изложби во земјата и во странство. Добитник е на 18 награди и признанија.

Лара Ташковска е трета генерација сликари после нејзиниот дедо Ристо Ристовски и нејзиниот татко, академик Васко Ташковски. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности-Скопје на отсекот сликарство. Работи во техниките масло, акрил и акварел.

TRT Balkan
Популарни