Осумдесет проекции во пет категории ќе бидат прикажани на јубилејното 35 издание на Херцег Нови-Монтенегро Филм Фестивал кое ќе се одржи од денеска до 28 август.
Дел од програмата за оваа година се и два македонски филма, „Сестри” на режисерката Дина Дума и „Мими” на режисерот Даријан Пејовски.
Љубителите на филмот ќе можат да уживаат на пет локации. Долгометражните играни филмови ќе бидат прикажани на „Канли Кула”, документарните во куќата на Иво Андриќ, студентските во амфитеатарот пред палатата Буровина, а на тврдината Форте Маре ќе се прикажат филмовите кои не се во натпреварувачка конкуренција во рамки на програмата Кино Европа и мрежа на Фестивалите на Јадранскиот регион.
Херцег Нови – Монтенегро филм фестивал е најголем филмски фестивал во Црна Гора и еден од најзначајните во регионот. Слоганот на овогодишното издание на фестивалот гласи “Ние сме деца на филмот”.
Освен 35 годишниот јубилеј на фестивалот, во Херцег Нови се слави и 100 години кино култура.
„Празник на трудот” на отворањето на фестивалот
Главен лик во филмот е Армин кој по десет години во Германија се враќа во Босна и Херцеговина. Пред враќањето се оженил и сака да го изненади неговиот татко, но не го наоѓа дома. Соседите му кажуваат дека е уапсен, но никој не знае зошто. Во медиумите се пишува дека е осомничен за воени злосторства во деведесетите години од минатиот век. Армин сака да ја дознае вистината и со соседите да го просалви Први мај, Денот на трудот.
Втор филм кој ќе биде прикажан е филмот „Зборница” на Соња Тарокиќ.
Организаторите соопштија дека фестивалот ќе го отвори актерката Весна Пеќанац. Таа и режисерот Желимир Жлиник се добитници на наградата за животно дело.
„Сестри”, прв долгометражен филм на Дина Дума
Зад филмот „Сестри” стои „Лист продукција”. Тоа е прв долгометражен филм на режисерката Дина Дума. Вo него е прикажана приказна за две тинејџерки чие декадентно однесување ќе го стави на тест нивното пријателство.
Продуцентка на филмот е Марија Димитрова, сценаристи се Дина Дума и Мартин Иванов. Филмот е снимен во 2019 година на локации низ Скопје, а работен е во копродукција со Црна Гора и Косово.
Психолошката драма „Мими”
„Мими” е втор долгометражен филм на режисерот Даријан Пејовски. Се работи за психолошка драма во која фокусот е ставен на два женски лика.
„Мими” е македонско – хрватско – косовска копродукција.