Повеќе од 30 години по стекнувањето независност од Советскиот Сојуз, Естонија, Латвија и Литванија се исклучија од руската електрична мрежа.
Естонија, Летонија и Литванија престанаа да увезуваат струја од Русија по инвазијата на Украина, но сепак останаа дел од заедничката, синхронизирана мрежа со Русија и Белорусија од советската ера, што се сметаше за безбедносен ризик.
Литванија, Латвија и Естонија успешно се приклучија на европската континентална мрежа преку Полска, интегрирајќи се во внатрешниот енергетски пазар на ЕУ, се вели во соопштението на Европската комисија.
„Ова им овозможува на балтичките држави да управуваат со сопствените енергетски системи според заеднички и транспарентни европски правила. Балтичката синхронизација не само што придонесува за безбедноста на снабдувањето на целата Унија, туку ќе ја поддржи и интеграцијата на обновливата енергија во системот, што на крајот ќе им овозможи на потрошувачите да имаат корист од пониските трошоци за енергија“, се додава во извештајот.
„Интеграцијата на балтичките земји во електричната мрежа на ЕУ е главен проект“ кој доби неспоредлива политичка, техничка и финансиска поддршка од Комисијата во изминатите 15 години“, се вели во соопштението.
Говорејќи на церемонијата во Вилнус, главниот град на Литванија, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека „последните електрични мрежи во Европа кои сè уште се поврзани со Русија сега се целосно интегрирани во внатрешниот европски енергетски пазар, поддржани од преку милијарда евра европско финансирање во текот на годините“.
„Последните преостанати електрични линии со Русија и Белорусија сега ќе бидат демонтирани“, додаде таа.