На 20 јануари 2025 година, веднаш по преземањето на функцијата како 47-ми претседател на Соединетите држави, Доналд Трамп потпиша серија извршни наредби, вклучително и „Ослободување на американската енергија“.
Оваа извршна наредба го стопира федералното финансирање за инфраструктурата на електрични возила (ЕВ) и ветува „рамноправно“ поле за игра за возилата на бензин, што означува значителна промена на политиката.
Исто така, навестува натамошни повлекувања, вклучително и елиминирање на федералните даночни кредити за набавки на ЕВ и поништување на исклучоците што ѝ овозможуваа на Калифорнија да спроведува построги стандарди за емисии на автомобили.
За време на неговото инаугуративно обраќање, Трамп се потсмеваше на „Зелениот нов договор“ и стимулациите за ЕВ од времето на Бајден, тврдејќи дека овие политики неправедно ги поткопале традиционалните енергетски индустрии.
„Ја враќаме американската енергија во американски раце“, изјави Трамп, врамувајќи го враќањето како потег кон енергетска независност.
Сепак, експертите за политика и индустриските аналитичари предупредуваат дека влијанието може да биде далеку од наведените цели на Трамп. Критичарите тврдат дека враќањето може да ја осакати американската индустрија за електрични возила и да и даде конкурентна предност на Кина, глобалниот лидер во производството на ЕВ.
Шон Реин, основач на Групата за истражување на кинескиот пазар (ЦМРГ), го опишува потегот на Трамп како кусоглед бидејќи глобалните потрошувачи и владите сѐ повеќе прифаќаат нови енергетски возила. ЦМРГ е консултантска фирма за бизнис и инвестиции со седиште во Шангај.
„Во глобалниот Југ, Европа и регионот АСЕАН, потрошувачите и владите сѐ залагаат за усвојување на ЕВ. Со ослободување на нафтената индустрија и намалување на субвенциите за ЕВ, Трамп ефективно им дава бесплатна дозвола на кинеските производители на ЕВ да доминираат на овие пазари“, вели за ТРТ Ворлд, Реин, автор на четири книги за Кина, вклучувајќи ја и најновата Разделување: Изнаоѓање на можности во кинеската економија во Новиот светски поредок.
„На долг рок, ова враќање назад ќе им наштети на способноста на американските производители на автомобили како ГМ и Форд да се натпреваруваат на меѓународно ниво“, забележува тој, додавајќи дека кинеските компании се подготвени да станат светски играчи со производство на „поквалитетни електрични возила по подобра цена од нивните американски колеги“.
Кина е веќе глобална моќ во производството на ЕВ. Брендовите како БИД(BYD), Нио (Nio) и Шиаоми (Xiaomi) напредуваа со супериорни иновации, квалитет и цени.
„Во текот на следната деценија, светот подобро да се подготви овие кинески брендови да станат глобални играчи“, вели Реин, нагласувајќи дека промената на политиката на Трамп ги става Соединетите држави во конкурентна неповолна положба.
Нема прекумерен капацитет во Кина
Глобалната продажба на ЕВ достигна рекордни 17,1 милиони единици во 2024 година, поттикната од зголемената побарувачка за патнички и лесни ЕВ, според истражувачката компанија за ЕВ, Ро Моушн (Rho Motion). Кина го предводи пазарот со 11 милиони продадени единици, што е за 40 отсто повеќе од претходната година.
САД често ја обвинуваат Кина за „прекумерен капацитет“ во производството на ЕВ, додека Пекинг ги отфрли наводите како „целосна заблуда“.
„Нема прекумерен капацитет во Кина“, тврди Реин, посочувајќи дека кинеските производители на електрични возила продолжуваат да добиваат на сила на глобално ниво.
„Потрошувачите во Австралија, Тајланд, Кенија, па дури и Европа сакаат кинески електрични возила бидејќи тие ја нудат најдобрата технологија по најдобра цена“, вели тој.
Враќањето на Трамп, тврди Реин, одразува краткорочна стратегија насочена кон заштита на нафтената индустрија и смирување на донаторите, наместо да поттикнува долгорочна конкурентност.
„На многу начини, Трамп ја отстапува способноста на Америка да се натпреварува на меѓународно ниво во автомобилскиот сектор“, додаде тој.
Американскиот сектор за електрични возила се соочува со монопол на Тесла
Непосредната реакција на пазарот кажа сѐ. Акциите на американските производители на ЕВ, како Ривиан (Rivian) и Луцид(Lucid) како и компаниите за полнење на ЕВ, како што е ЕВго (EVgo), паднаа, па дури и Тесла, предводена од сојузникот на Трамп, Илон Маск, забележа пад.
Реин верува дека повеќето американски производители на ЕВ, освен Тесла, веројатно нема да преживеат без субвенции по најновата извршна наредба на Трамп.
„Ова е речиси смртна казна за сите американски играчи на ЕВ-кои и онака не беа во можност да се натпреваруваат со кинеските фирми-освен Тесла“, вели тој.
Реин верува дека додека на краток рок, „пренадуваните“ акции на Тесла би можеле да се соочат со предизвици, но фирмата на Маск на крајот би можела да има корист на среден до долг рок поради „недостигот на домашна конкуренција“.
„Царините и забраните на САД за кинеските компании за електрични возила значат дека Маск сега ќе има речиси монопол на американскиот сектор за електрични возила бидејќи никој нема да може да постои без субвенции од американската страна, а Кинезите не можат да дојдат да продават“, објаснува тој.
Изолационистот Трамп ги поткопува климатските цели
Одлуката на Трамп да го запре федералното финансирање за новата инфраструктура на ЕВ не е само враќање на политиката - тоа е чекор наназад во климатското лидерство на Америка.
„Трамп веќе ги повлече САД надвор од Парискиот договор за климата и други глобални организации како што е Светската здравствена организација (СЗО).
Овој потег за ефикасно отстапување од политиката за ЕВ дополнително ја нагризува способноста на Америка да води во дипломатијата за чиста енергија“, забележува Реин.
Опишувајќи ја одлуката на американскиот претседател како „срамна“, тој ја припишува на фокусирањето на Трамп на краткорочните придобивки за неговите политички донатори во нафтената индустрија.
„Трамп е изолационист и протекционист, кој не се грижи за американскиот престиж и влијание освен за цврстата моќ на глобално ниво. Значи, ова сигурно ќе им наштети на целите на светот да стане повеќе јаглеродно неутрален“, вели Реин.
„Трамп има речиси 80 години, не му е грижа што ќе се случи во наредните 20 години“, додава тој.
САД го отстапуваат лидерството на Кина?
Спротивно на тоа, Кина го зголемува производството на ЕВ додека ги унапредува глобалните иницијативи за климата. Реин нагласува како раководството на Кина презема долгорочен пристап кон иновациите, особено во возилата со нова енергија.
„Кинескиот претседател Кси Џинпинг и Комунистичката партија на Кина инвестираат во она што тие го нарекуваат „нови производни сили“. Јасно е дека Кина ќе контролира сè, од технологија на батерии до автомобилски софтвер“, вели Реин.
„Со овие политики, Трамп во суштина ѝ пука во нога на американската индустрија“.
Сеопфатниот пристап на Кина ја позиционира како лидер не само во производството на ЕВ, туку и во поставувањето глобални технолошки стандарди.
Реин предупреди дека САД се изложени на ризик да паднат на дното на скалата во овој критичен сектор.
„Глобалниот тренд е јасен - ЕВ се иднината. Со повлекување од оваа трка, САД и го отстапуваат лидерството на Кина, не само во автомобилскиот сектор, туку и во пошироката битка за технолошка, економска и климатска надмоќ“, заклучува тој.