Mинатата година во САД биле затворени 18 текстилни фабрики / Photo: AA

Демократските членови на Конгресот побараа од Белата куќа да интервенира поради дупките во законот што ги користат производителите, главно од Кина, за да избегнат царини и да пласираат евтина стока на американскиот пазар.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден најави дека работи на тоа и ќе се фокусира на законот, кој дозволува во САД да се увезуваат стоки вредни помалку од 800 долари без царина.

На овој начин минатата година во Америка пристигнале повеќе од една милијарда пратки, покажуваат податоците на Агенцијата за царина и гранична заштита.

Во Белата куќа за таквиот раст ги обвинуваат кинеските платформи за онлајн продажба како Шин и Тему.

Заменик-советникот за национална безбедност Далип Синг, задолжен за меѓународна економија, вели дека мерките за затворање на дупките ќе имаат големо влијание врз облеката од Кина и дека тоа „драстично ќе го намали бројот на пратки во вредност до 800 долари што сега доаѓаат до САД без царина".

Конгресменката Роза Делауро од Конектикат, една од лидерите на оваа иницијатива, вели дека е загрижена што кинеските производители на облека ги држат работниците во неповолна положба за да ги одржат цените што е можно пониски.

Заменик директорот на Националниот економски совет, Натвеџ Дилон, вели дека овие мерки ќе влијаат и на пратките на нелегални супстанци како фентанил.

„Некои странски компании се обидуваат да испратат производи опасни за здравјето во согласност со сегашниот закон, да ги заобиколат законите за здравје и безбедност и да избегнат тарифи“, вели тој.

Тој исто така посочува дека во ризик се и американските производители.

„Фабриките за текстил и облека вработуваат десетици илјади луѓе во држави како Џорџија и Северна Каролина. Работниците и производителите во Америка заслужуваат фер конкуренција“, вели Дилон.

Претседателот на Националниот совет на текстилни организации Ким Глас вели дека и оваа група ги поддржува измените во законот и додава дека минатата година во САД биле затворени 18 текстилни фабрики.

TRT Balkan / агенции
Популарни