Епл втора година по ред е прогласен за највреден бренд во светот за 2025 година, со проценета вредност од 574,5 милијарди долари, според рангирањето „Глобал 500 2025“ на „Бренд фајнанс“.
Вредноста на брендот Епл се зголемила од 516,6 милијарди долари во 2024 година, кога исто така беше на врвот на листата.
По него следуваат Мајкрософт со 461,1 милијарда долари и Гугл со 413 милијарди долари, со пораст од 35 отсто и 24 отсто, соодветно.
Амазон се најде на четвртото место со вредност од 356,4 милијарди долари, додека Волмарт е петти со 137,2 милијарди долари.
На листата се и Самсунг (110,6 милијарди долари), ТикТок/Доујин (105,8 милијарди долари), Фејсбук (91,5 милијарди долари), Нвидиа (87,9 милијарди долари) и Државната енергетска компанија на Кина, со 85,6 милијарди долари.
Листата покажува дека 190 од вкупно 500 компании се од САД, 55 од Кина, 36 од Јапонија, 35 од Франција, 27 од Германија и 17 од Обединетото Кралство.
Дојче Телеком е најскап бренд во Европа и се наоѓа на 11-тото место во целокупното рангирање, при што неговата вредност се зголеми за 16 отсто на 85,3 милијарди долари.
Мухтерем Илгунер, генерален директор на „Бренд фајнанс Туркије“, за Анадолу изјави дека вкупната вредност на најдобрите 500 светски брендови се зголемила за 10 отсто на годишно ниво, достигнувајќи 9,5 милијарди долари во 2025 година, надминувајќи го глобалниот економски раст од 3 отсто.
Илгунер истакна дека брендовите во Туркије сè уште не постигнале доволно ниво и покрај владината поддршка.
„Земјите се богати онолку колку што нивните брендови се богати, бидејќи од нив црпат благосостојба и репутација. Вредноста на најслабо рангираниот бренд на листата изнесува 4,9 милијарди долари, и бидејќи ниту еден турски бренд не ја достигнал оваа вредност, турските брендови не се најдоа на листата“, рече тој.
Во изминатата деценија, според него, јазот меѓу вредноста на највредните турски брендови и последно рангираниот бренд на листата топ 500 сè повеќе се зголемува.
„На пример, вредноста на австрискиот бренд Ред бул достигна 9,7 милијарди долари, швајцарскиот луксузен бренд Ролекс 18,8 милијарди долари, а највпечатливо е што виетнамската телекомуникациска компанија Виетел достигна вредност од 6,4 милијарди долари“, додаде Илгунер.
Тој нагласи дека Туркије треба да спроведе национално брендирање, кое треба внимателно да се анализира со учество на јавниот и приватниот сектор, за да се овозможи турските брендови да стекнат вредност на меѓународната сцена.