Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека турските компании во Србија вработуваат 9.600 луѓе, а нивниот вкупен приход надмина милијарда долари,но истакна дека вратата е ширум отворена за сите претприемачи од Србија кои сакаат да работат во Туркије.
Ердоган, говорејќи на Бизнис форумот Србија-Туркије за време на неговата посета на Србија, рече дека турските компании создаваат добри деловни можности и дека моментално во Србија има 850 инвеститори чија капитална вредност порасна на 540 милиони долари во последните 12 години, од почетниот милион.
„Нашите две земји постигнаа многу додека нашата надворешно-трговска размена во последните две години ја надмина бројката од две милијарди долари, што ја покажува нагорната траекторија на нашата размена“, рече Ергодан.
Тој посочи дека турската страна има големи очекувања од бизнис форумот за иднината на двете земји и за претставниците на деловниот свет, како и дека очекува зајакнување на меѓусебните врски и економијата.
„Ќе го направиме тоа заедно со вас - деловниот свет, ќе ги прошириме деловните хоризонти и ќе вложиме напори за развој без никакви пречки“, нагласи Ердоган.
Зборувајќи за Србија, Ердоган посочи дека земјата на чело со претседателот Александар Вучиќ е во процес на различни економски реформи.
„Србија економски расте и ние се радуваме на нејзиниот голем скок напред. Во 2023 година, повеќе од 60 отсто од инвестициите во регионот на Западен Балкан, во вредност од 4,5 милијарди евра, дојдоа во Србија“, рече Ердоган.
Тој додаде дека е исклучително задоволен од работењето на Халкбанка, што, како што рече, е причина за гордост и благодарност, но и показател колку Туркије има доверба во големата иднина на Србија.
Зборувајќи за бизнис климата во Србија, Ердоган му се заблагодари на Вучиќ за разбирањето што го има за претставниците на турските компании.
„Неговата врата е секогаш отворена за турскиот деловен свет и тој има одлично разбирање за сите проблеми со кои се соочуваат. Верувам во поддршката на Вучиќ и дека таа ќе продолжи експоненцијално во иднина“, рече Ердоган.
Тој рече дека имал значајни разговори со Вучиќ и дека разговарале за начинот на кој тие можат да придонесат за растот на деловниот свет во Србија и Туркије.
Како што наведе, со Вучиќ разговарал како најдобро да го искористат потенцијалот што постои за понатамошна соработка, наведувајќи дека во иднина ќе се направат дополнителни напори.
„Информатичките технологии, комуникациите, туризмот се само дел од областите каде што ќе го искористиме нашиот целосен потенцијал. Исто така, мораме уште повеќе да ги искористиме можностите што се пред нас, особено во однос на одбранбената индустрија“, рече Ердоган, додавајќи дека за Туркије примарна цел е интензивирање на дијалогот со Србија за прашањето на наменската индустрија.
Турскиот претседател рече дека натамошниот развој на туристичкиот сектор меѓу двете земји ги зајакнува врските што постојат меѓу граѓаните.
„До крајот на оваа година бројот на туристи кои дојдоа во Туркије од Србија ќе достигне 340.000 и мислам дека ќе ја надминат таа бројка, што значи дека резултатите ќе бидат подобри од претходните години“, рече Ердоган.
Тој рече дека по ратификацијата на практиката за патување со лични карти, во Туркије ќе има зголемен број на туристи од Србија и обратно.
„Заедно со мојот драг пријател, претседателот Вучиќ, решени сме да направиме сѐ што е потребно за дополнително да ги зајакнеме нашите односи. Нашите врати се широко отворени за сите претприемачи во Србија кои се подготвени да дојдат и да инвестираат во Туркије. Никој не треба да се сомнева дека српските инвеститори кои ќе дојдат во Туркије ќе имаат висок степен на безбедност и сигурност“, заклучи Ердоган.