Шпанија има седум терминали, најмногу во Европа, со вкупен годишен капацитет од 68,1 милијарди кубни метри / Photo: AA

Европските земји, вклучително и Туркије и Велика Британија, го зголемија капацитетот за увоз на течен природен гас (ЛНГ) за 53,5 милијарди кубни метри, на 310,3 милијарди кубни метри од почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година.

Според податоците на Институтот за енергетска економија и финансиска анализа (ИЕЕФА ) и асоцијацијата Гас Инфрастракчр Јуроп (Gas Infrastructure Europe), пред војната изнесуваше 256,9 милијарди кубни метри, но оттогаш капацитетот постојано се зголемуваше за 20,8 милијарди кубни метри во 2022 година и 32,7 милијарди кубни метри минатата година.

Стапката на искористеност на 37 терминали за ЛНГ во Европа падна од 63 отсто во 2022 година на 58,5 отсто минатата година, додека кај четири од осум терминали за ЛНГ во Франција стапката на искористеност паднала под 50 отсто.

Други земји со ниски стапки на искористеност се Италија, Грција, Финска и Германија.

Според прогнозата на ИЕЕФА , побарувачката за ЛНГ во Европа до 2030 година ќе биде околу 135 милијарди кубни метри.

Минатата година САД биле најголем снабдувач на ЛНГ во Европа, учествувајќи со 46 отсто во увозот. Следува Катар со 12,1 отсто учество, Русија со 11,7 отсто, Алжир со 9,4 отсто, Нигерија со 5,6 отсто.

Франција, Шпанија, Холандија, Велика Британија, Италија и Туркије се земји што минатата година увезувале најмногу ЛНГ.

На глобалниот пазар, 70 отсто од ЛНГ се извезува со долгорочни договори, а 30 отсто му се продаваат на понудувачот кој нуди највисока цена.

Многу европски земји, кои не користеа активно ЛНГ до руско-украинската војна, во последните две години се свртеа кон други извори на снабдување поради санкциите за рускиот гас, а трендовите на пазарот и проширувањето на инфраструктурата на ЛНГ покажуваат дека ЛНГ станал одржлива опција.

Изградени се осум нови терминали

Од февруари 2022 година проширени се четири терминали, изградени се осум нови и повторно е активиран неискористен терминал во Шпанија.

Во овој период е забележано зголемување на капацитетот на терминалот за ЛНГ Адриатик во Италија, Гејт во Холандија, Фос Кавау во Франција и Крк во Хрватска.

Оперативни станаа следните објекти: Сарос ФСРУ во Туркије во февруари 2023 година; Хоег Ганет ФСРУ“ во Брунсбутел, Германија, во март 2023 година; Егземплар ФСРУ во Финска во јануари 2023 година и Емшавен ФСРУ во Холандија во септември 2022 година.

ФСРУ Нептун во Германија во април 2023 година, исто така, го поддржа пазарот на ЛНГ во регионот, заедно со Голар Тундра ФСРУ во Италија во јули 2023 година и Кејп Ан ФСРУ во Франција во октомври 2023 година.

Ел Мусел, шпанскиот терминал за ЛНГ, кој беше затворен во 2012 година поради намалувањето на побарувачката за природен гас, повторно беше активиран во август 2023 година.

Во Европа, дополнителни 94 милијарди кубни метри нови капацитети за увоз на ЛНГ се во фаза на планирање, а овие проекти, кои ќе бидат во функција до 2030 година, ќе го зголемат капацитетот за увоз на ЛНГ во регионот на 405 милијарди кубни метри.

Европски терминали за ЛНГ

Шпанија има седум терминали, најмногу во Европа, со вкупен годишен капацитет од 68,1 милијарди кубни метри.

Туркије е втора со речиси 50 милијарди кубни метри вкупен капацитет на ЛНГ. Во Измир има пет терминали за ЛНГ: терминал за ЛНГ Алиага, терминал за ЛНГ Мармара Ереглиси, Ертугрул Гази ФСРУ, Сарос ФСРУ и Етки Лиман ФСРУ.

Во Велика Британија има три терминали за ЛНГ со годишен капацитет од 48,1 милијарди кубни метри. Следува Франција со четири терминали за ЛНГ со годишен капацитет од 39,5 милијарди кубни метри. Холандија има два терминала со годишен капацитет од 24 милијарди кубни метри. Италија има четири терминали со увозен капацитет од 20,9 милијарди кубни метри, а Германија има три терминали со годишен капацитет од 16 милијарди кубни метри.

Покрај тоа, Белгија има терминал за ЛНГ Зебруге со капацитет од девет милијарди кубни метри, Крк во Хрватска има капацитет од 2,9 милијарди кубни метри, Индепенденс во Литванија има капацитет од четири милијарди кубни метри, а терминалот за ЛНГ Ревитуса во Грција има капацитет од седум милијарди метри кубни.

Атина планира да има повеќе од три терминали со капацитет од над 15 милијарди кубни метри.

Други земји со значајни терминали за ЛНГ и проекти за проширување се Полска, Португалија, Финска и Малта.

AA
Популарни