Индискиот јасмин продира во глобалната индустрија за парфеми / Photo: AFP

Опојни мириси го исполнуваат воздухот додека вештите берачи во Индија го откинуваат белиот јасмин чии се уште свежи пупки треба навреме да стигнат да се преработат во вредна состојка за светските парфеми.

Јасминот го испушта својот моќен мирис само кога цвета навечер, а берачите мора да ги изберат само оние што допрва се отвораaт.

„Знаеме кое да го избереме“, вели Маларкоди, додека внимателно пукна со прстите за да ги откине пупките, ставајќи во косата неколку цветови кои веќе беа расцутени.

„Нема корист од овие... но ми се допаѓа мирисот“, рече таа.

Мирисните цвеќиња на јасминот во Индија се користат со милениуми за да им се оддаде почит на боговите, а мирисот е клучен дел на светски познатите парфеми.

Индискиот јасмин продира во глобалната индустрија за парфеми AFP

Во древниот град Мадураи во јужна Индија, јасминот е сеприсутен- привлекува купувачи од некои од најпознатите парфеми во светот, вклучувајќи ги Ж‘ адор од Диор и Мон Герлајн од Герлајн.

„Тоа е едно од најскапите масла во светот“, вели Раџа Паланисвами, директор на компанијата Јасмин Бетон, кој цеди огромни количини јасмин за да создаде неколку скапоцени капки есенција со вкусна миризба.

Жените кои собираат пупки заработуваат околу 1,50 долари дневно за околу четири до пет килограми - при што секој килограм се состои од околу 4.000 пупки. Откако ќе се набере, јасминот веднаш се носи на пазарот, продавајќи се за нешто помеѓу 200 и 2.000 рупии (2,40-24 долари) за килограм во посебни денови.

Индискиот јасмин продира во глобалната индустрија за парфеми AFP

Израз на љубов

Јасминот од Мадураи, азиска сорта со научно име Jasminum sambac, ја доби ознаката „географско потекло“ од Светската организација за интелектуална сопственост во 2013 година, која го забележа неговиот „длабок мирис“.

„Тоа е бујно, богато, живописно е“, рече Тиери Васер, парфимер и „нос“ во француската куќа за убавина Герлајн, при посетата на операторите со јасмин.

Јасминот во Мадураи има „мазност... и нешто цветно што е непроменливо“, додаде Васер.

Васер го набавува маслото од јасмин од компанијата на Паланисвами.

Освен на Герлајн, Паланисвами рече дека неговата компанија продава масло од јасмин на компании како Булгари, Диор и Луш.

Во Мадураи, светлиот, бел цвет може да се најде во домовите на жителите на градот, како плетенки што ги ставаат жените на косата - и во огромниот комплекс од 14 век на Хинду-божицата Менакши, која се смета за чувар на градот.

Менакши е прикажана како држи папагал, птица поврзана со љубовта.

Секоја вечер, луѓето го опкружуваат светилиштето на божицата со миризливи цвеќиња од јасмин додека таа се повлекува со нејзиниот сопруг Шива во голема, симболична церемонија.

„Кога ќе разберете дека целта на овој цвет е прослава на љубовта и братството, семејството и пријателството; кога ќе го помирисате, тоа добива друга димензија, рече Васер.

„И за мене овој цвет е израз на љубовта. Точка."

Индискиот јасмин продира во глобалната индустрија за парфеми AFP

Вистински мирис

Процесот на извлекување на маслото бара долги часови труд.

Жените кои го откинуваат јасминот- било да е тоа за нивното божество, свадби, погреби или скапи парфеми, немаат време да ја романтизираат неговата привлечност.

Во полето со јасмин на периферијата на античкиот град, жените нежно ги движат гранките на грмушката, барајќи ја совршената пупка.

Фабриката за преработка работи деноноќно во сезоната на жетва, а работниците трупаат свежо набрани цвеќиња и чекаат да процветаат долгнавестите пупки.

„Во моментот кога ќе почне да цвета, почнува да го испушта својот мирис“, рече Паланисвами.

Доцна во ноќта, додека слаткиот мирис на јасминот го исполнува воздухот, работниците ги собираат цветовите и ги ставаат во екстрактори.

Свежо набраниот јасмин се потопува во растворувач за да ги апсорбира молекулите на мирисот и да се добие восочен екстракт наречен „бетон“.

Индискиот јасмин продира во глобалната индустрија за парфеми AFP

Бетонот дополнително се обработува за внимателно да се отстранат восоците, што потоа резултира со моќен апсолут. Овој апсолут станува состојка во парфемите.

„Околу 700 килограми свеж јасмин се сведува на само еден килограм масло, што се продава за околу 4.200 долари“, рече Паланисвами.

Но, Амсавали Карупусвами, која има штанд надвор од цветниот пазар каде што ги вметнува цвеќињата во венци и плетенки, рече дека свежиот јасмин секогаш ќе го надмине секое масло.

„Ќе продолжам да ја работам оваа работа додека не умрам... жените сакаат јасмин, па затоа го правиме ова“, рече таа.

„Мирисите не вредат толку колку оригиналните цвеќиња од јасмин - ништо не може да се спореди со вистинскиот мирис на јасминот“.

TRT World
Популарни