Над 35 милиони луѓе во светот се сметаат за дигитални номади, односно вработени претежно во ИТ и креативните индустрии кои може да работат од било која точка на планетата и често менуваат градови.
Ако се собере оваа категорија на вработени би дошле приближно до популацијата на цели држави како што се Украина, Ангола, Узбекистан, Перу или Малезија. И се очекува оваа бројка постојано да расте во наредните години, па така многу држави во светот почнаа да се натпреваруваат меѓу себе за полесно да ги привлечат дигиталните номади.
Оттука произлегува популарниот термин „виза за дигитален номад“, која всушност е одобрение за престој и работа надвор од стандардните процедури кои треба да ги исполни еден странец.
Затоа не станува збор за виза во класичната смисла, туку за одобрение за престој на професионалците кои во одредена држава ќе може да живеат привремено, а притоа да продолжат со нивната работа од далечина. Истовремено за нив се предвидени одредени далочни олеснувања и ослободувања.
Економската логика е дека дигиталните номади за време на престојот ќе потрошат доста средства, кои ќе се влеат во локалната економија, а притоа со себе може да донесат вештини и знаења кои може да се применат и во локалниот стартап еко-систем.
Дигиталните номади придонесуваат со над 725 милијарди евра годишно во светската економија.
Најпопуларни дестинации за дигиталните номади
Иако не постои централизирана база на податоци за најпосакуваните дестинации, сепак повеќе специјализирани веб сајтови за дигиталните номади посочуваат дека десетина држави се издвојуваат по условите кои ги нудат, но и останатите предности како поволната клима, релативно ниските трошоци за живот споредено со ИТ хабови како Сан Франциско и Силицумската долина.
Од европските дестинации се издвојуваат Лисабон во Португалија со рамниот данок од 15% и бројните дигитални хабови отворени во речиси секое маало, како и квалитетниот интернет.
Kрајбрежјето и поголемите градови во Хрватска, туристичките градови во Грција и предноста на намалениот данок за 50% се исто така привлечни за дигиталните номади во Европа.
Лесната процедура за вадење дозвола за престој и работа за компании кои не се регистрирани во Шпанија и Италија придонесува за зголемен прилив на дигитални номади.
Од неодамна одлични оценки добиваат и српската престолнина Белград со бенефициите за ИТ експертите од странство, Тбилиси во Грузија со ниските даноци наменети за дигиталните номади, и отвореноста на Малта за странци меѓу кои и дигиталните номади и едноставниот пат до државјанство преку претприемачки инвестиции.
Властите во Северна Македонија најавија воведување на специјална „виза за дигитални номади“, но овој проект се уште не е започнат и земјата длабоко заостанува споредено со регионот, иако доби одлични оценки за локалната стартап заедница.
Високо котира и Дубаи со можноста за едногодишен престој за тие кои работат за странски работодавач или самостојно и близината до бројни претприемачи и инвеститори, а во Азија најдобро котираат Индонезија, Тајланд, Малезија и Виетнам.
Сепак, се проценува дека најпопуларна дестинација за дигиталните номади според бројноста е Мексико, а тоа се должи пред се на големиот број на Американци кои привремено живеат кај јужниот сосед поради пониските трошоци за сместувања и живот, како и достапноста на атрактивни туристички места. Над 51% од сите дигитални номади потекнуваат од САД.
Во блиска иднина се очекува над 60 држави низ светот да нудат промотивни визи за дигитални номади од сегашните 43 држави со програми за привлекување професионалци кои работат од далечина.