Фејсбук подели 11.000 откази, Твитер скрати 50% од работната сила, Интел отпушти 1.000 вработени, а Гугл и Амазон ги замрзнаа новите вработувања. Со висока инфлација, раст на каматните стапки и енергетска криза која ја успоруваат глобалната економија, многу компании во Европа и САД ги кратат работните места или ги стопираат новите вработувања.
По егзодусот на стартапи, технолошкиот сектор се соочува и со бран отпуштања во големите ИТ компании кои ги кратат работните места.
Како поради намалената побарувачка и успорен раст по крајот на карантините и ограничувањата поради Ковид-19 пандемијата, така и поради засилената економска криза предизвикана од висока инфлација, недостиг на енергенси и намалена потрошувачка.
Дали е загрозена мобилноста на ИТ кадарот?
Мобилноста на вработените во ИТ секторот за првпат е доведена во прашање бидејќи можноста за менување работа од етаблирана компанија како Мета или Твитер, кон новоформирани стартапи е поткопана по бранот на отпуштања.
Можеби состојбата не е толку драматична како што се претставува, бидејќи отпуштањата не го погодуваат целиот технолошки сектор, но просторот за маневрирање се намалува.
ИТ работната сила се сметаше за најлесно прилагодлива на промени, што особено се покажа за време на пандемијата со Ковид-19, но и подолго време ги диктираше условите за вработување поради зголемената побарувачка за нов кадар.
Сега, многу технолошки компании или драстично ги укинуваат работните места, на пример само во САД таа бројка надмина 50.000, или пак како Гугл и Амазон ги замрзнуваат планираните нови вработувања.
Новите стартапи кои постојано никнуваат се претежно тимови составени од самите основачи со мал дополнителен ИТ кадар, или пак ангажираат надворешни консултанти за правни и финансиски задачи.
Добар знак е стабилизацијата на стартапите од септември наваму, откако претходно се случуваше егзодус на технолошки иновативни стартапи кои пропаѓаа поради намалена побарувачка на дигитални услуги како доминантен фактор со завршувањето на карантините и ограничувањата.
Сепак, треба да се земе во предвид дека отказите во големите и етаблирани компании не се однесуваат само на ИТ кадар, туку и на различни корпоративни профили. Маск имаше турбо недела во која од две негови компании најави голем број откази.
Твитер ќе биде преполовен, односно 50% од околу 7.000 вработени ќе останат без работа. Во Тесла ќе бидат отпуштени 10% од канцелариските вработени, за кои Маск смета дека придонесуваат за превработеност во компанијата, додека пак бројот на работници во фабриките и инженерите ќе се зголемува.
Предупредувачка фаза
Природата на голем дел од овие отпуштања покажува дека проблемот не е толку во забавениот раст на ИТ индустријата кој се засити по огромниот бум кој го доживеа за време на пандемијата, туку дека влијание има инфлацијата и стравувањата за остра рецесија.
Тоа го посочи и Марк Цукерберг, шефот на Мета кој подели 11.000 откази, пренасочувајќи го фокусот само кон секторите вештачка интелигенција, онлајн реклами и метаверзум.
„Многумина мислеа дека растот од пандемијата ќе биде постојан. Исто и јас, па затоа донесов одлука да ги зголемиме инвестициите“, вели Маск кој признава дека згрешил и дека презема одговорност, но не посочи каков вид на одговорност.
Бран отпуштања се случува и во Европа претежно во традиционалните индустрии, и повеќе европски гиганти најавија отпуштања или замрзнување на нови вработувања.