Веќе 20 години наназад на 12 септември, односно на 256-от ден од годината се слави Светскиот ден на програмерите, со што софтверските инженери добиваат професионален празник во нивна чест. Денот се одредува според бројот 256 кој во програмерскиот свет се користи за претставување вредност со осумбитен бајт, односно за прикажување на податоци на компјутер преку бинарен код.
Идејата за популаризирање на програмерската струка преку посебен ден кој ќе добие најпрво национална, а потоа и светска важност ја дале Валентин Балт и Мајкл Червиаков. Тие се програмери од Русија кои ја повеле иницијативата во 2002 година.
Неколку години подоцна истата била официјално одобрена од Димитри Медведев, како тогашен претседател на Русија, па така 256-от ден во годината и формално претставува професионален празник.
Во останатиот дел од светот има различни иницијативи, на пример во Кина денот на програмирањето се одбележува на 24 октомври бидејќи датумот го означува бројот 1024 и одговара на бинарниот префикс „Ки“. Тоа е исто така постојан датум без оглед на престапните години.
Зошто е важно да се „слават“ програмерите?
Дигитализацијата на општеството ги наметна програмерите како исклучително важна aлка во модернизација на бизнисот, услугите и општествената инфраструктура.
До 2025 година се очекува на пазарот да дојде до недостиг од речиси 4 милиони софтверски инженери. Според анализата на Меѓународната корпорација за податоци (ИДЦ) глобалниот недостиг на програмери со полно работно време ќе се зголеми од 1,4 милиони во 2021 година на 4,0 милиони во 2025 година.
Освен недостигот на соодветен кадар постојат и други предизвици во индустријата. Тие се поврзани со исполнување на договорите за вработување со оглед на тоа што меѓу програмерите се повеќе се создава незадоволство како од самиот менаџмент така и од се покомплексните задачи.
Така доаѓа до честа промена на работното место за слична позиција, но со истите потешкотии, како и се почести прегорувања од обврските, неисполнетост и откажувања.
Затоа главните трендови во напредните ИТ компании се големи вложувања во човечките ресурси и промена на динамиката на работа согласно новите потреби и развој на кадарот. Без овие услови потешко ќе дојде до раст на индустријата, но и исполнување на очекувањата на бизнисот, корисниците и институциите.