Кинеските индустриски компании забележаа пад на профитот трета година по ред во 2024 година, овој пат за 3,3 отсто, објави денеска Кинеското Национално биро за статистика.
Компаниите во Кина се под притисок од севкупната дефлација и слабата побарувачка во земјата, но подобрувањето во последните месеци од минатата година покажува дека стимулативните мерки на владата во Пекинг дадоа резултати, пишува Блумберг.
Во декември минатата година, кинескиот индустриски профит порасна за 11 отсто на годишно ниво, се додава во соопштението.
„Производителите на опрема и апарати за домаќинство во Кина забележаа скок на профитот во четвртиот квартал од 2024 година благодарение на владината програма за субвенционирање на купување на стоки за широка потрошувачка и машини за домаќинствата и компаниите“, рече аналитичарот Ју Вејнинг.
Кинеската економија порасна силно за 5,4 отсто на годишно ниво во четвртиот квартал од 2024 година, надминувајќи ги очекувањата на пазарот, бидејќи низата стимулативни мерки ја поттикнаа економијата да ја исполни целта за раст од околу пет отсто за целата минатата година, објавија претходно медиумите.
Како што е соопштено, „спринтот“ на кинеската економија во последниот квартал од минатата година ги надмина проценките на аналитичарите на Ројтерс кои очекуваа поскромен раст од пет проценти.
Кинеската економија порасна за 5,3 отсто на годишно ниво во првиот квартал од 2024 година, а растот постепено се забави на 4,7 отсто во вториот квартал и 4,6 отсто во третиот квартал, но последниот квартал од минатата година значително ја подобри севкупната ситуација.
„Промената во ставот на политиката во септември минатата година ѝ помогна на економијата да се стабилизира во четвртиот квартал од 2024 година, но потребен е голем и упорен политички стимул за да се зајакне економскиот момент и да се одржи закрепнувањето“, рече Живеи Жанг, претседател и главен економист во Пинпоинт Асет Менаџмент.