Русија постојано ги заострува барањата за излез на странските компании од земјата / Photo: AA

Властите во Москва одобрија продажба на имотот на данската пиварница Карлсберг во Русија за 34 милијарди рубљи или околу 305 милиони евра на локалната компанија ВГ Инвест, се вели во документ што го видел Ројтерс.

Компанијата ВГ Инвест е регистрирана во август и со неа раководи Јегор Гуселњиков, потпретседател на руската пиварница Балтика, додава британската агенција.

Продажната цена сугерира дека имотот на Карлсберг во Русија е продаден со значителен попуст, бидејќи данската компанија ја проценува неговата вредност на околу една милијарда евра.

Русија постојано ги заострува барањата за излез на странски компании од земјата, бара големи попусти пред да даде дозвола за напуштање на пазарот таму и наплатува високи даноци за излез кои се користат за полнење на државниот буџет, наведува Ројтерс.

Во јули 2023 година, Москва ја презеде контролата врз уделот на Карлсберг во руските пивари Балтика и го стави под привремена управа, а извршниот директор на Карсберг Јакоб Аруп-Андерсен во таа прилика изјави дека нејзиниот бизнис во Русија е „украден“, објавија медиумите.

TRT Balkan / агенции
Популарни