Во регионот на Западен Балкан се проценува дека има десетици илјади фриленсери / Фото: TRT Balkan / Photo: TRT Balkan MK

Речиси 30 милиони луѓе во Европа работат како фриленсери или за некоја од популарните апликации или платформи за достава на храна, превоз, креативност или дигитални услуги. Во регионот на Западен Балкан се проценува дека има десетици илјади фриленсери и платформски работници, кои во просек заработуваат над 3.000 евра месечно.

Фриленсерството овозможува слободен избор на работно време и локација, но од друга страна овие работници се надвор од системот на здравствено, социјално и пензиско осигурување. Овие динамични промени на пазарот на труд бараат и соодветни законски или практични решенија.

„Младите го следат светскиот тренд, имаат пристап до интернет и платформите за работа, особено за дигитални работни места. Во Македонија постојат повеќе иницијативи кои поддржуваат регулирање на некаков работен статус кој може да им се понуди на фриленсерите и државните институции активно се вклучени во тој процес, вели Елена Иванова, Директор на Импакт Фондација.

Како во регионот, така и во Европската Унија главен предизвик е како да се регулира статусот на фриленсерите и платформските работници.

„Фриленсерите во Македонија почнуваат да работат или одговараат на некакви услуги кои се бараат од нив без да бидат свесни како понатаму ќе се регулира нивниот статус и отпосле осознаваат дека ги немаат истите бенефиции како сите вработени, или сите работници како што ги препознава Законот за работни односи. Затоа почнува овој процес на дијалог со јавните институции, но и со другите држави во регионот и светот коишто го следат истиот глобален тренд“, вели таа.

Освен опциите кои ги нудат осигурителните и пензиските фондови, во ЕУ се води дебата дали фриленсерите треба да се водат како вработени во име на технолошките гиганти каде вложуваат труд или сами да ги плаќаат обврските од работен однос.

Според Елена Иванова дигиталните платформи треба да се гледаат како глобални пазари на труд кои во одреден момент наплаќаат провизија за донесениот клиент и не обезбедуваат валиден договор за девизен прилив.

„Тоа не е договорен работен однос, тоа е нарачка на работна задача. Кога се дава услуга и се работи за своја сметка, за свој прилив, не вработуваме други лица и немаме организација, многу е јасно дека станува збор за фриленсинг. Регулирањето на тој однос не мора да биде преку договор за вработување и точно во тоа се состои тој јаз во кој ние треба да дефинираме каков ќе биде договорот“, смета Иванова.

Фриленсерите имаат голем потенцијал за висока заработка, но без доволна финансиска едукација може да се соочат со многу ризици.

Според неа растот на бројот на фриленсери, но и зголемените приходи кои тие ги остваруваат од странските клиенти ги прави се повидливи на радарот на даночните служби.

„Во овој момент фриленсерите учат едни од други, нема едно гласило кое ги информира како треба да се однесуваат и кој е нивниот долг или обврска кон државата. Јас тука би го спомнала даночниот морал што секој од нас треба да го има и треба да функционира во услови кога инспекцијата не може да стигне до сите најситни сфери на приливи коишто физичките лица ги остваруваат во државата“, посочува Иванова.

Традиционалното вработување и чекање 40 години до пензија се повеќе се концепти од минатото. Единствена европска политика се уште не е утврдена, и за пазарот на труд ќе бидат неопходни навремени решенија.

TRT Balkan
Популарни