Новите повисоки цени се наменети за автомобилите со моќност над 44 киловати и за товарните возила / Photo: Reuters

Министерството за финансии (МФ) во врска со донесените одлуки од страна на осигурителните компании за зголемување на висината на бруто-премијата за осигурување од автомобилска одговорност, ја свика Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност која одржа седница со цел да ги разгледа сите аспекти од носењето на овие одлуки.

На седницата е одлучено в понеделник на нова седница да разгледа Извештај од Националното биро за осигурување за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на осигурителните компании и да преземе соодветни чекори во насока на заштита на крајните потрошувачи.

Истовремено, врз основа на добиеното известување од страна на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), која е регулатор на осигурителниот сектор, Министерството денеска се обрати и до Комисијата за заштита на конкуренцијата, со цел да се испита дали се прекршени правилата на фер и конкурентно однесување согласно oдредбите од Законот за заштита на конкуренцијата.

Од министерството посочуваат дека техничката премија којашто е дел од премијата за осигурување која ја плаќа договорувачот на осигурувањето-осигуреникот, a која ја утврдува Владата на предлог на Комисијата, останува непроменета.

Осигурувањето за регистрација на возилата поскапе за 15 проценти откако осигурителните компании биле известени од Националното биро за осигурување (НБО) во понеделникот дека новите цени треба да се применуваат од 25 април.

Новите повисоки цени се наменети за автомобилите со моќност над 44 киловати и за товарните возила. Па, така, според новиот ценовник, за возилата со моќност до 55 киловати ќе треба да се доплатат околу 840 денари, а за оние над 110 киловати повеќе од 1.500 денари.

НБО соопшти дека актуелните пазарни услови предизвикаа неопходност од промена на цената на полисата за задолжителното авто осигурување.

Од Бирото посочуваат дека предходната цена на задолжителното авто осигурување била непазарна, прениска, меѓу најниските во регионот, непроменета уште од 2008 година и велат дека ја доведува во прашање исплатливоста на работењето на осигурителните компании во оваа класа, делувајќи демотивирачки на понудата на оваа полиса.

„Без поскапувањето овој бизнис е неодржлив и ќе биде полека напуштен од страна на осигурителните компании. Финансиските институции имаат обврска да работат по строго дефинирани одржливи параметри, со цел зајакнување на стабилноста на финансискиот систем. Како потсетување, во 2008 година цената на автомобилската одговорност беше намалена за 30 отсто, но, денес условите за работење се променети и неодржливо е за Осигурителните компании да работат со цени на ова ниво, информираат од Националното биро за осигурување.

Од Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), пак, соопштија дека зголемувањето на цената на полисите за задолжително автомобилско осигурување е неоправдан чекор на осигурителните компании.

„По добиените известувања од осигурителните компании дека ќе ја зголемат цената направени се актуарски пресметки за проверка. По извршените актуарски пресметки утврдено е дека зголемувањето на цената, со дадените образложенија, не е оправдано.Поради тоа АСО го информираше и достави предлог до Министерството за финансии, во рамки на неговите законски надлежности, да иницира изготвување и донесување нова тарифа на премии за задолжително осигурување од автомобилска одговорност. И со тоа да го ограничи износот на режискиот додаток што ќе овозможи намалување на цената на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност“, велат од АСО.

TRT Balkan / агенции
Популарни