Сепак, американската компанија го забележа првиот пад на годишните испораки по повеќе од една деценија и за малку ја задржа предноста пред кинескиот БИД

Производителот на електрични возила Тесла ја надмина една од најугледните германски марки премиум автомобили, „Ауди“ во продажба минатата година, покажуваат објавените податоци.

Тесла на клиентите лани им испорача 1,79 милиони возила, додека Ауди продаде 1,67 милиони автомобили во 2024 година, 12 отсто помалку од една година порано, пишува Блумберг.

Сепак, 2024 година не беше без проблеми за Тесла.

Американската компанија го забележа првиот пад на годишните испораки по повеќе од една деценија и за малку ја задржа предноста пред кинескиот БИД (BYD).

Во Европа, продажбата на електрични возила е под очекуваното, откако неколку земји ги намалија субвенциите.

Германските производители на автомобили се борат со слабата побарувачка за луксузни автомобили во Кина, каде опоравувањето останува неизвесно, како исо конкуренцијата од локалните производители.

Фолксваген, Мерцедес-Бенц и БМВ, како и многу други производители на автомобили, предупредија на пад или забавен раст на профитот поради тешкотиите на пазарот.

Продажбата на Ауди опадна на пазарите во Германија, Кина и Северна Америка, а испораките на целосно електричните модели на компанијата во 2024 година треба да паднат за околу осум проценти на околу 164.000.

TRT Balkan / агенции
Популарни