ТОГГ е глобален бренд за автомобилска технологија со интелектуални права во сопственост на Туркије / Photo: AA

Гордоста на турската автомобилска индустрија, електричниот СУВ ТОГГ T10X, ќе биде изложен на Генералниот БХ саем ЗЕПС 2024, известува Анадолу.

Оваа ексклузивна вест ја соопштија претставници на Стопанската комора на Истанбул при неодамнешната работна посета на Зеница, се вели во соопштението за медиуми на Генералниот БХ саем ЗЕПС 2024.

Како што е веќе познато, Република Туркије е земја партнер на годинашниот Генерален БХ саем ЗЕПС 2024, а националното учество на Туркије го организира Стопанската комора на Истанбул.

„Оваа вест е потврда дека нашите турски партнери сакаат да направат сѐ овој ЗЕПС да биде запаметен на најдобар начин досега. Би сакал да ја искористам оваа пригода да им се заблагодарам на нашите турски пријатели со ветување дека ќе бидеме одлични домаќини. Се надеваме дека до почетокот на саемот ќе има уште изненадувања што ќе ги ни ги приредат компаниите од Република Туркије што се светски лидери во различни индустриски области“, рече Санел Ибриќ, менаџер на Генералниот БХ саем ЗЕПС 2024 година.

ТОГГ е глобален бренд за автомобилска технологија со интелектуални права во сопственост на Туркије, основан на 25 јуни 2018 година. Со своите подбрендови Труго и Труморе развива нови технологии, услуги, кориснички искуства и деловни модели во рамките на екосистемот на паметни и поврзани уреди.

Првиот модел ТОГГ T10X е целосно електричен автомобил, а се истакнува со паметни решенија со кои преку интернет може да се управува од далечина, што го става корисникот во центар на вниманието. Само од април 2023 година до денес T10X доби 30.000 нови сопственици. По T10X, ТОГГ започна со производство на T10F од сегментот C. Брендот планира да произведе еден милион целосно електрични возила до 2030 година, со нови модели што делат иста „ДНК“.

Генералниот БХ саем ЗЕПС 2024 е економски настан на годината. Саемот ќе се одржи од 1 до 5 октомври во Камберовиќ поле во Зеница, движечка сила за развојот на Босна и Херцеговина и една од економски најактивните области во регионот на Западен Балкан, се наведува во соопштението.

Вкупниот саемски простор годинава зафаќа 20.000 квадратни метри. ЗЕПС, како најголем саем од меѓународен карактер во Босна и Херцеговина, веќе трета деценија привлекува значителен број домашни и странски компании, со коефициент на учество од 55 отсто домашни наспроти 45 отсто странски излагачи. Досега саемот собра повеќе од 12.000 изложувачи, со импресивна посетеност од речиси 1,5 милиони посетители, со што го потврди статусот на клучен економски настан во Босна и Херцеговина.

AA
Популарни