Aphrodisias festival in Aydin / Photo: AA

Низ историјата, стандардите за убавина постојано еволуирале и се разликувале во различни култури и временски периоди. Она што се смета за убаво било под влијание на фактори како што се општествените вредности, културните верувања, историските настани, па дури и напредокот во технологијата.

Затоа ајде да ги истражиме дел од забележителните промени во стандардите за убавина од различните епохи.

Античко време

Во античките цивилизации како Египет, Месопотамија и Грција, идеалите за убавина честопати се поврзувале со младоста, плодноста и чувството за симетрија. Се ценеле полни фигури кај жените. Египќаните многу ги ценеле полните усни и витканите трепки.

Голем дел од практиките за убавина може да се проследат и до ден денес. Тогаш се користело кул за нанесување шминка околу очите, тренд кој постои и денес со стилот на шминкање наречен „зачадени очи“, додека пак розината вода се користела за нега на кожата.

Во античка Грција, жените биле прикажани како високи и витки со спокоен поглед. Идеалната жена од овој период имала витко тело, широки раменици, мало стомаче и тенок струк.

Кај мажите се восхитувале на урамнотежена фигура и мускулестото тело. Скулптури од овој вид може да се погледнат и во денешните музеи.

Средновековен и ренесансен период

За време на средновековната ера, заоблената фигура била знак на богатство и просперитет, бидејќи сугерирала изобилство и добро здравје. Светлата и негувана кожа исто така била високо ценета, бидејќи била поврзана со благородничката класа која не била изложена на сонце за разлика од земјоделците и селаните кои работеле на отворено.

Жените носеле превез за покривање на косата, деколте што добро ја покрива клучната коска и фустани со долги ракави. Меѓутоа, за време на ренесансата, се случува промена кон поприродната човечка форма што значело и приказ на пореални типови на телото.

Викторијанска ера

Во 19 век, викторијанската ера во Европа ја нагласува скромноста, елеганцијата и префинетоста. Најважно во оваа ера било да се има совршен изглед. Од жените се очекувало да бидат ситни, кревки и, што е најважно, чисти.

Од жените се очекувало да имаат мал струк, постигнат со употреба на корсети, кои создадаваат фигура на песочен часовник. Корсетите станале апсолутно неопходни за постигнување на идеалната фигура.

Бледата кожа сè уште била пожелна, бидејќи укажувала на личност со повисока социјална положба која не се занимава со работа на отворено. Покрај тоа, жените морале редовно да нанесуваат лосиони за белење за да ги отстранат пегите или кој било друг знак на несовршеност.

Громогласни дваесетти

Со доаѓањето на 1920-тите и „флапер“ културата на елегантност, особено кај жените, доаѓа до значително отстапување од претходните стандарди за убавина. Идеалната жена од тоа време имала момчешка фигура.

Кратките фризури и минималистичката шминка стануват модерни, предизвикувајќи ги традиционалните поими за женственост. Жените биле познати по својата необична облека. Тие носеле чевли со високи потпетици и ги отфрлиле корсетите.

Златната ера на Холивуд

Во 50-те и 60-те години од минатиот век, влијанието на Холивуд врз стандардите за убавина драстично се зголемува. Филмските икони како Мерлин Монро, Брижит Бардо и Одри Хепберн поставија нови трендови на убавина.

Телата со облини и гламурозниот изглед за жените станаа нова норма. Иконската фигура на песочен часовник за женско тело била исклучително популарна. Се почесто жените носеле панталони, пократки здолништа, па дури и проѕирни блузи.

1970-ти години

Контракултурните движења од 70-те години промовираа поприроден изглед, прифаќајќи ја различноста во формите на телото и поддржувајќи ја индивидуалноста.

Популарноста на хипи културата влијаеше на многу жени да почнат да ја носат косата природно, без да ја бојадисуваат. Жените се чувствувале слободни да носат и машки панталони и облека.

Современи стандарди

Во последниве децении, се повеќе се препознаваат различните стандарди за убавина на жените кои постојано се менуваат. Модната индустрија почна да ги оспорува традиционалните норми со тоа што прикажува модели од различни етникуми, големини на телото и родови идентитети.

Веќе не постои „идеална“ форма на тело. Се формираа движења за „позитивност на телото“, промовирајќи го самоприфаќањето и славејќи ја убавината во сите нејзини облици.

Жените повеќе не се под притисок да го променат својот изглед поради стандардите за убавина. Сепак, тоа не значи дека индустријата за убавина престанува да врши притисок врз жените.

Подемот на социјалните медиуми и дигиталното уредување на слики има значително влијание врз стандардите за убавина. Филтрираните и уредувани фотографии на платформи како Инстаграм создадоа совршена, но често недостижна слика за жената.

TRT Balkan
Популарни