Постои ризик премногу луѓе да бидат дијагностицирани со дебелина и потребно е „попрецизно“ и „нијансирано“ дефинирање на проблемот, се вели во извештајот на светските експерти.
Лекарите треба да го земат предвид целокупното здравје на пациентите со вишок телесни масти, а не само да го мерат нивниот индекс на телесна маса (БМИ), се вели во студијата.
На оние со хронични заболувања предизвикани од нивната тежина треба да им се дијагностицира „клиничка дебелина“, но кај оние без здравствени проблеми треба да се дијагностицира „претклиничка дебелина“.
Се проценува дека повеќе од милијарда луѓе ширум светот живеат со дебелина, а лековите за губење на тежината на рецепт се многу барани.
Извештајот, објавен во списанието The Lancet Diabetes & Endocrinology, беше поддржан од повеќе од 50 медицински експерти ширум светот.
„Дебелината е спектар“, вели професорот Франческо Рубино, од Кралскиот колеџ во Лондон, кој претседаваше со групата.
„Некои ја имаат и успеваат да живеат нормален живот, нормално функционираат. Други не можат добро да одат или дишат или се врзани за инвалидска количка со големи здравствени проблеми. Извештајот повикува на „редефинирање“ на дебелината за да се направи разлика помеѓу оние со болест и оние кои остануваат здрави, но се изложени на ризик од идни болести“.
Во моментов, во многу земји, дебелината се дефинира како БМИ поголем од 30.
Тоа е мерка која ја проценува врската помеѓу висината и тежината и го поставува здравиот опсег помеѓу 19 и 25.
Но, според извештајот, БМИ не открива ништо за целокупното здравје на пациенто и не успева да направи разлика помеѓу мускулите и телесните масти, ниту да ги објасни поопасните масти што се акумулираат околу органите.
Експертите се залагаат за нов модел кој ги разгледува знаците на дебелина кои влијаат на органите во телото - како што се срцеви заболувања, отежнато дишење, дијабетес тип 2 или болки во зглобовите - и нивното штетно влијание врз секојдневниот живот.
Тоа значи дека дебелината стана клиничка болест и бара третман со лекови.
Сепак, на оние со „претклиничка дебелина“, наместо лекови и хирургија, треба да им се понудат совети за слабеење, советување и следење за да се намалат шансите за развој на здравствени проблеми.