Момче со тешка епилепсија стана првиот пациент во светот кој пробал нов уред за контрола на напади, вграден во неговиот череп, објави во понеделникот Би-Би-Си.
Невростимулаторот, кој испраќа електрични сигнали длабоко во неговиот мозок, ги намалил дневните напади на Оран Ноулсон за 80 проценти.
Неговата мајка Џастин изјави за Би-Би-Си дека тој е посреќен и дека има „многу подобар квалитет на живот“.
Операцијата беше спроведена во октомври како дел од истражување во болницата Great Ormond Street во Лондон кога Оран имаше 12 години.
Оран, од Сомерсет, има Ленокс-Гасто синдром, форма на епилепсија отпорна на стандарден третман, кој се развил на тригодишна возраст.
Бројни дневни напади
Оттогаш, тој имал напади кои се движеле од дваесет до неколку стотици секој ден. Мајката на Оран, пред операцијата, објаснила како епилепсијата доминирала во животот на момчето: „Таа му го украде целото детство“.
Таа рече дека имал серија различни напади, вклучувајќи ги и оние каде што паѓал на земја, силно се тресел и ја губел свеста.
Таа рече дека тој повремено ќе престанел да дише и дека му била неопходна итна реанимација.
Момчето има и други дијагнози
Оран има аутизам и АДХД, но Џастин вели дека неговата епилепсија е убедливо најголемата пречка.
„Имав прилично бистро тригодишно дете и за неколку месеци откако почнаа неговите напади, неговата состојба се влоши и тој изгуби многу вештини“, рече таа.
Оран е вклучен во проектот КАДЕТ - серија на испитувања кои ја проценуваат безбедноста и ефективноста на длабоката мозочна стимулација за тешка епилепсија.
Партнерството ги вклучува болницата Great Ormond Street, Универзитетскиот колеџ во Лондон, Kings College Hospital и Универзитетот во Оксфорд.
Епилептичните напади се активираат од абнормални изливи на електрична активност во мозокот.
Целта на уредот, кој емитува постојан пулс на струја, е да блокира или прекине абнормални сигнали.
Операцијата, која траела околу осум часа, била извршена во октомври 2023 година.