Оваа појава почесто е забележана кај машката популација, а поретко кај жените / Photo: Reuters

Една нова студија открива дека висцералните, или абдоминалните маснотии во четириесеттите и педесеттите години се предзнак на подоцнежна дијагноза на Алцхајмерова болест.

Научниците истакнуваат дека виновникот за тоа не е наталоженото сало.

Тие објаснија дека се работи за абдоминална маст наталожена длабоко во стомакот која ги опкружува абдоминалните органи, а позната е и како висцерална маст и треба да се разликува од поткожното масно ткиво кое се наоѓа веднаш под кожата.

Истражувачите кои работеле на оваа студија откриле дека салото на стомакот предизвикува воспаление кое може да влијае на мозокот и да биде показател на рана фаза на Алцхајмерова болест, неколку децении пред да се манифестира.

„Веќе некое време знаеме дека како што се зголемува стомакот, мемориските центри во мозокот стануваат се помали“, вели д-р Ричард Исаксон, невролог од Институтот за невродегенеративни болести во Флорида кој ја проучува Алцхајмеровата болест, но не бил вклучен во студијата.

„Истражувањето покажува невроинфламаторен маркер за сликање на мозокот, нешто што не сум го видел досега. Снимањето на мозокот сугерира дека абдоминалната маснотија или висцералната маст може да се поврзе со дисфункција на мозокот преку воспалителна каскада“.

Резултатите од нивната студија беа презентирани во ноември на годишната конференција на Радиолошкото друштво на Северна Америка во Чикаго.

Истражувачите во студијата ја проучувале состојбата на 54 когнитивно здрави учесници на возраст меѓу 40 и 60 години, чиј просечен индекс на телесна маса (БМИ) бил 32.

Оние со повисок сооднос на висцерално и поткожно масно ткиво, имале повисоки нивоа на амилоид протеин (кој е поврзан со развојот на Алцхајмерова болест) во делот од мозокот каде што болеста се манифестира кога првпат се појавува.

Се чини дека оваа маст предизвикува и воспаление на мозокот, што е уште еден поттик за развој на Алцхајмерова болест.

Сето горенаведено почесто е забележано кај машката популација, а поретко кај жените. Се покажа дека овие состојби се поврзани со промени во мозокот на пациентите цели 15 години пред да се појават најраните симптоми на Алцхајмерова болест.

Во исто време, треба да се забележи дека висцералните масти можат да се изгубат со промени во исхраната, и физичка активност, изјави еден од авторите на студијата, д-р Сајрус Раџи, вонреден професор по радиологија на Медицинскиот факултет на Универзитетот Вашингтон во Сент Луис.

TRT Balkan / агенции
Популарни