На 1 декември се одбележува Светскиот ден на борба против СИДА / Photo: Reuters

Иако во последните децении е постигнат голем напредок во справување со ХИВ вирусот кој предизвикува СИДА, сепак бројот на нови инфекции се зголемува.

Според извештајот „Опасни нееднаквости“, поставените цели за искоренување на ХИВ вирусот до 2030 година нема да се исполнат поради влошените состојби. Меѓу нив, специјализираната програма УНАИДС на Обединетите нации (ОН), посочува дека се нееднаквостите со кои се соочени повеќе ранливи групи.

Затоа годинава Светскиот ден за борба против СИДА се води под мотото „изедначување“ како повик да се намалат зголемените ризици кај жените и девојките кои се жртви на сексуално насилство и недостиг на репродуктивни здравствени услуги, потоа маргинализираните групи, потоа недостигот од грижа и стигматизација на децата со ХИВ, како и проблемите со финансии за програмите за справување со заразата.

„Светскиот ден за борба против СИДА-та е момент да им се оддаде почит на над 40 милиони животи изгубени поради СИДА, да се направи преглед на одговорот на СИДА и да се посветиме на ставање крај на СИДА-та“, порача Вини Бјањима, извршна директорка на УНАИДС.

Во 33 земји во периодот од 2015 до 2021 година само 41% од жените во брак на возраст од 15 до 24 години можеле да донесат одлука за сопственото сексуално здравје.

Во областите со висока стапка на ХИВ, жените подложени на насилство од интимниот партнер се соочуваат со 50% поголеми шанси да добијат ХИВ.

Ефектите на родовите нееднаквости врз ризиците од ХИВ кај жените се особено изразени во субсахарска Африка, каде 63% од новите ХИВ инфекции во 2021 година се кај жени.

„Да се осигураме дека сите наши девојчиња ќе одат во училиште, и ќе бидат безбедни и силни. Да се справиме со родовото насилство. Да ги поддржиме женските организации. Да промовираме здрава машкост наместо штетно однесување кое ги влошува ризиците за секого. Да обезбедиме услуги за децата што живеат со ХИВ и да ги задоволат нивните потреби, со што ќе го затвориме јазот во лекувањето и ќе ставиме крај на СИДА-та кај децата засекогаш“, додава Бјањима.

Поради проблемите со стигматизација голем дел од припадниците на маргинализирани групи не се тестираат за ХИВ и сексуално преносливи болести. УНАИДС проценува дека стотици илјади луѓе живеат без да знаат за нивната зараза што значи и недостиг на соодветна терапија која може да биде клучна за спасување животи.

Во поглед на нееднаквиот третман кај заразените деца се проценува дека само половина од нив се ставени на антиретровирусна терапија, додека пак кај возрасната популација тој број се движи околу 75%. Исто така извештајот „Опасни нееднаквости“ открива дека во 2021 година од вкупниот број заразени луѓе, само 4% биле деца, но тие се застапени со дури 15% во смртните случаи за една година.

Во 2021 година, 650.000 луѓе починале поради СИДА, додека пак 1,5 милиони луѓе се новозаразени со ХИВ.

TRT Balkan
Популарни