Болеста е предизвикана од бактеријата streptococcus pyogenes и често е поврзана со воспаление на грлото, што подоцна може да доведе до некроза на екстремитетите и откажување на повеќе органи / Photo: AA

Во Јапонија брзо се шири смртоносна бактерија што предизвикува синдром на стрептококен токсичен шок (СТСС), а главниот град Токио стана жариште.

Од Националниот институт за инфективни болести (NIID) се наведува дека во земјата годинава биле регистрирани 977 случаи, надминувајќи го претходниот рекорд од 941 инфекција минатата година.

Пријавено е дека болеста е предизвикана од бактеријата streptococcus pyogenes и често е поврзана со воспаление на грлото, што подоцна може да доведе до некроза на екстремитетите и откажување на повеќе органи.

Сè повеќе случаи на инфекција предизвикана од повеќе смртоносни и заразни видови бактерии се пријавуваат особено во регионот Канто во поширокото подрачје на главниот град Токио.

Министерот за здравство, труд и социјална заштита Такеми Кеизо, истакнувајќи ја важноста од спроведувањето на основните мерки на претпазливост за инфекција, рече:

„Сметаме дека е неопходно да се продолжи со следењето на текот на заразата.“

Специјалистот за инфективни болести д-р Кикучи Кен, исто така, наведе дека раните на нозете се особено чувствителни на стрептококната бактериска инфекција.

Опишувајќи ги малите рани како плускавци и атлетско стапало како „можни влезни точки“ за бактериите, Кикучи истакна дека кај постарите пациенти времето од инфекција до настапување на смрт може да биде 48 часа.

Наведувајќи дека високата температура придружена со делириум и брзото отекување на раните се опасни знаци, Кикучи нагласи дека во таква ситуација веднаш треба да се побара лекарска помош.

Во екстремни ситуации бактериите стрептокок од групата А може да станат инвазивни, навлегувајќи длабоко во меките ткива и мускулите преку исеченици и рани. Потоа оваа појава резултира со некротизирачки фасцитис. Симптомите на оваа болест што „јаде месо“ се треска или болки во мускулите и низок крвен притисок, а по 48 часа може да следува откажување на органите и септичен шок. Исходот може да биде фатален доколку пациентот брзо не прими антибиотици.

AA
Популарни