Традиционалниот македонски зелник се најде на деветото место на листата на гастро водичот TasteAtlas, меѓу десетте најдобри пецива во светот.
Првото место на оваа листа го заземаат новопазарските мантии, кои обично во бошњачката кујна ги нарекуваат и „кралици на трпезата“.
„Вкусот на ова јадење потсетува на бурек, но формата е сосема поинаква – се обликува во мали топчиња кои се ставаат во тава и се печат заедно“, стои во појаснувањето објавено на TasteAtlas.
Второто место го зазема Пастел де Белем, трето е малезискиот карипап, четврто е грчката тригона панораматос, а на петтото место е францускиот кроасан.
На шесто место е грчката бугаца, седми турскиот катмер, осми пачки од Полска, а на деветото место е македонскиот зелник.
„Атлас за вкус“ е интернет платформа посветена на истражување на традиционални јадења и гастрономски специјалитети од различни земји и региони во светот. Содржи информации за локални кујни, традиционални рецепти, ресторани и специјалитети, често со оценки, коментари и критики.
Корисниците можат да бараат различни видови храна, како и да откријат популарни јадења во различни делови на светот.