Портретот на Алан Тјуринг наречен Аи-Бог нацртан од робот беше продаден за повеќе од 960.000 евра на аукција во Сотби.
Роботот Аи-Да, именуван по Ада Лавлејс, која се смета за прв компјутерски програмер, е првиот робот-уметник чие дело е продадено во голема аукциска куќа.
Ултра реалистичниот робот дизајниран да изгледа како жена е создаден од тим предводен од Ејдан Мелер. Аи-Да има камери во очите и користи вештачка интелигенција за цртање, сликање и вајање.
Се очекуваше неговото дело високо 2,2 метри изработено со помош на алгоритми за вештачка интелигенција да достигне цена меѓу 120 и 180 илјади евра, но на крајот беше продадена за повеќе од 960 илјади евра.
Сликата го прикажува Алан Тјуринг, британскиот научник кој се смета за татко на модерните компјутери. Портретот за првпат беше изложен во Обединетите нации во Женева во мај 2024 година.
Аи-Да веќе ги нацрта главните изведувачи на музичкиот фестивал Гластонбери пред две години: Били Ајлиш, Дајана Рос, Кендрик Ламар и Пол Макартни.
Истата година, роботот ја насликал и британската кралица во пресрет на нејзиниот платинест јубилеј.
Ејдан Мелер е директор на проектот Аи-Дa Робот.
Постојат многу дефиниции за тоа што претставува вистинска уметност - некои би рекле дека бара човечки емотивен одговор, што Аи-Да никогаш нема да може да го направи.
Но Мелер го брани својот робот од обвинувањата дека таа не е вистински уметник.
„Историјата е полна со уметници кои ги нарекувале неуметници. Сè од Матис до Пикасо. Сите велеа дека тоа не е уметност бидејќи не одговара на нивната концепција за тоа што треба да биде уметност. И замислувам дека уметноста е прогресивна работа, која провоцира. Така, мислам дека Аи-Да е во добро друштво ако ја наречат неуметничка“, вели Мелер.
Уметноста со вештачка интелигенција како онаа што ја произведува Аи-Да не е особено радикална во светот на уметноста и станува сè попопуларна кај големите аукциски куќи како Сотби, кои продаваат дела со вештачка интелигенција во претстојната ера на дигиталната уметност.
Аи-Да исто така не е способна да создаде уметност без човечка интервенција.
Сите нејзини дела започнуваат со разговор, каде што таа го користи својот јазичен модел со вештачка интелигенција. Во овој случај, таа го предложи Алан Туринг како потенцијален кандидат за портретот.
Потоа ѝ се прикажува фотографија од Алан Туринг и создава серија прелиминарни скици и слики на платна А3.
Таа потоа комбинира елементи од скиците за да создаде уметничко дело.