Дури 41 отсто од водоземците се на работ на истребување поради човечкото уништување на нивните живеалишта, болестите и климатски промени, се вели во студијата објавена во средата во списанието Натуре, чии автори се залагаат за заштита на живеалиштата и намалување на емисиите на ЦO2.
Ова се резултатите од најновата глобална проценка на 8.011 видови водоземци- 'рбетници кои живеат и во водни и во копнени живеалишта. Повеќе од 1.000 експерти од целиот свет учествуваа во ажурирањето на податоците за водоземците.
Состојбата на водоземците во светот денес е многу полоша отколку кога беше направена првата ваква проценка во 2004 година.
Според тогаш ажурираните податоци, 39 отсто од видовите биле загрозени. Од 2004 година, 306 видови водоземци се поблиску до истребување. Човечките активности и климатските промени ја нарушија деликатната рамнотежа на нашата планета на штета на нејзината флора и фауна.
Од сите 'рбетници, најлошо поминаа водоземците.
Најновите податоци покажуваат дека покрај 41 отсто од водоземците, загрозени се и 27 отсто од цицачите, 21 отсто од влекачите и 13 отсто од птиците.
На сите им се заканува исчезнување во догледна иднина, се наведува во написот.
Видовите на кои им се заканува исчезнување се означени како „критично загрозени“ и ставени на „црвената листа“ на загрозени видови од Меѓународната унија за зачувување на природата (ИУЦН), глобалниот авторитет за дивиот свет.
„Ангажманот околу заштитените подрачја и плановите за нивно зачувување главно се фокусирани на потребите на цицачите и птиците, а водоземците се последни на листата“, рече конзерваторката Џенифер Луедке од глобалната непрофитна организација Ре:вилд со седиште во Тексас, која исто така е координатор на специјалистичката група за водоземци на ИЦУН и главен автор на студијата.
„Сега е неопходно да се започне глобално движење кое ќе се фокусира на обновување на различните видови водоземци во светот“, рече другиот коавтор на студијата и конзерватор од организацијата Ре:вилд, Келси Ним.
„Уништувањето на живеалиштата, кое се случува главно поради проширувањето на површините за земјоделски култури и областите каде што се одгледуваат животни, сè уште е најчеста опасност. Ваквите активности директно влијаат на 93 отсто од загрозените видови водоземци. Но се поголем број видови се загрозени од разни болести и климатски промени“, истакнаа истражувачите.
Тие потенцираат дека „водоземците се особено чувствителни на промени во нивната околина, делумно затоа што дишат преку нивната кожа“.
„Така, последиците од климатските промени - зголемена фреквенција и интензитет на екстремни временски настани, промени во влажноста и температурата, зголемувањето на нивото на морето и пожарите - може да резултираат со губење на клучните места за размножување на водоземците, нивна зголемена смртност како и уништување и промени на живеалиштата. Сето ова им отежнува да најдат соодветни места за живеење“, изјави Неам.
Научниците утврдија дека повеќето видови на загрозени водоземци живеат на Карипските острови, во Мексико, Централна Америка, во тропскиот регион на Андите, Индија, Шри Ланка, Камерун, Нигерија и Мадагаскар.
„Мора да разбереме дека водоземците се наши сојузници во разбирањето на здравјето на нашата планета“, рече Луедке.
„Со заштита и грижа за водоземците, ние истовремено ги заштитуваме и се грижиме за копнените и водните екосистеми, ја зачувуваме генетската разновидност на нашата планета и инвестираме во иднина во која целиот живот - вклучувајќи го и човечкиот живот се развива, продолжува и напредува“, тврдат тие.