Како да се спасите од трикови и да заштедите при купување во супермаркет     

На сите ни е познато она „ќе тркнам до маркет само по леб и млеко“ кое завршува со полна количка купени продукти и трошок кој никако не бил планиран. Не сме ни свесни дека поминуваме повеќе време во маркет, трошиме повеќе и купуваме дури и непотребни производи како резултат на предвидлива психолошка реакција на мнозинството луѓе кон определени „трикови“ што по многу анализи и истражувања трговците заклучиле дека делуваат.

Купување со слушалки на уши

Во супермаркетите вообичаено се пушта спора музика за купувачите да се релаксираат и да купуваат полека. Колку повеќе време поминете во маркетот повеќе работи ќе купите.

Големите продавници вообичаено немаат прозорци со цел да изгубите осет за време, да не забележите дека надвор се стемнува или заврнало и тоа да ве потсети дека времето ви летнало.

Истражувањата покажуваат дека по 23 минути шопинг веќе донесуваме одлуки непромислено т.е. на база на емоции, а по 40 минути во супермаркет рационалното расудување е комплетно исклучено и завршуваме со полна количка непотребни производи и голема сметка.

Решението е да одиме на пазарење со слушалки на кои ќе слушаме енергична музика со брз ритам и евентуално да си поставиме тајмер кој ќе не потсети дека сме веќе 10 или 15 минути во маркетот.

Ручек па пазарење, не обратно

Студија на Универзитетот во Јужна Калифорнија вели дека кога сме гладни купуваме повеќе. Кога ќе прошетате низ продавницата, можете да го мирисате свежо печениот леб или сочно пилешко што се пече, свежи јагоди или едноставно ги гледате оброците на пакувањата шпагети.

Логично е дека гладни, ќе купиме повеќе храна, но гладот ​​влијае и на нашите одлуки за купување на непрехранбени производи. Истражувањето покажа дека гладните купувачи не само што импулсивно купуваат непотребни предмети туку купуваат и повеќе од она што им е потребно.

Ако немате време за комплетен оброк пред шопинг тогаш изедете барем едно јаболко, истражувачите од Универзитетот Корнел докажале дека купувачите кои јаделе јаболко пред да пазарат купуваат 25% повеќе овошје и зеленчук од оние кои јаделе колачи или нездрава ужинка.

Три за 100

Три за 100 денари се чини како добра зделка, но понудите во кои се стимулира купување на повеќе парчиња од истиот производ не се секогаш поволни туку само не тераат да мислиме дека е поевтино да купиме повеќе. Иако можеби ќе платиме нешто пониска цена по парче, сепак ќе оставиме повеќе пари во маркетот затоа што сме купиле три, а не планираното едно (или ниедно).

Најдобра одбрана пред ваквите понуди е да си го поставиме прашањето „Дали навистина ми треба толкава количина од овој производ?“ и секако користете калкулатор за да ја поделите сумата со бројот на парчиња. Ќе се изненадите колку често единечната цена ќе биде еднаква или дури и повисока од вообичаената на тој производ. Не секогаш повеќе е поевтино.

Око ненаситно

На ниво на очите се наоѓаат предметите што супермаркетите најмногу сакаат да ги купиме. Тоа не се нужно најскапите артикли туку оние на кои продавницата има најголема заработувачка. Најевтините артикли и оние кои носат најмал профит често се ставаат на долните полици затоа што ретко гледаме надолу, а предвиделе и дека ќе ни биде тешко да се наведнеме.

На висина пак на детските очи полиците се преполни со играчки, производи со јаки и весели бои, слатки и ситници кои би ги посакале децата. Потенцијални причини за тантрум сред маркет.

Одлична навика за избегнување на овој трик е да скенирате вертикално по полиците со цел да забележите што се се нуди и секако по можност пазарење без деца.

Целта е да се наполни количката. Или можеби не?!

Маркетинг консултантот Ендрју Линдстром, спровел експеримент каде на луѓето им давал колички за пазарење што биле двојно поголеми од вообичаените. Оние со поголеми колички купиле 40% повеќе од оние со помали! Објаснувањето е дека колку е поголема количката толку попразна изгледа па поверојатно е да ја наполните со импулсивно купување непотребни производи.

TRT Balkan
Популарни