На најдолгиот ден во годината 21 јуни, според официјалниот календар, покрај високите температури започнува и летото. Летната долгодневица се случува во четвртата недела од јуни секоја година, но само на северната полутопка.
На јужната полутопка на Земјата на 21 јуни истовремено е најкраткиот ден во годината, односно се случува зимската краткодневица, па така во земји како Нов Зеланд, Јужна Африка и Аргентина започнува тримесечната зима.
На овој ден Северниот пол е најмногу завртен кон Сонцето. Тоа се случува бидејќи оската на ротација на Земјата е навалена за околу 23,4 степени во однос на орбитата на Земјата околу Сонцето.
Оваа накривеност ги поместува годишните времиња, бидејќи северната и јужната хемисфера имаат различни количини на сончева светлина која пристигнува во текот на годината. На самиот екватор разликите се најмали, но како што се оддалечувате кон половите така се повеќе тие се зголемуваат. На пример на најсеверните делови на Европа, денот ќе биде екстремно долг во текот на летото.
Празнување на љубовта
Овој астрономски феномен бил набљудуван од човековите цивилизации од памтивек како мистичен и затоа е поврзан со многу народни обичаи, верувања и традиции. Денес има мали остатоци од некогашните обреди кои се вршеле на почетокот на летото и го немаат истото значење како некогаш.
Во паганската ера на словенските народи летната долгодневица била посветена на празникот на љубовта „Купала“. Самиот збор потекува од грчкиот Купидон и го има речиси истото значење. Овој празник бил наменет за младите кои сè уште не биле во брак. Барајќи ги нивните идни сопружници испраќале цвеќиња по течението на реките. Тој што ќе го пронајде цветот ќе ја пронајде и љубовта.
Љубовта и плодната биле празнични теми и на локалитетот Стоунхенџ од паганското и друидското минато на Англија. Пред камењата и денес се собираат илјадници луѓе, а прославата повторно е вратена со присуство во живо и без ограничувања за бројот на посетители по ограничувањата поради Ковид-19.
Некогашните антички астрономи го направиле распоредот според изгревање на сонцето за време на летната долгодневица и на заоѓањето на сонцето при зимската краткодневица.
Во Грција иако се слави христијанскиот празник Св. Јован, и натаму има остатоци од минатото кога летната долгодневица била поврзувана со прослава на летото, среќата која се повикува за до крајот на годината и секако, пронаоѓање на љубов. Во некои краеви на Грција се практикуваат обредите за „Клидонас“, но повеќе како забава и меѓусебна шега за тие кои се уште не стапиле во брак.
Во Шведска се празнува „Мидсомар“, празник со кој започнува летото, па со оглед на тоа што во оваа земја летната сезона е кратка, а зимите се долги, летната долгодневица се слави со голем ентузијазам и оптимизам. Во паганско време исто така бил посветен на плодноста и во ритуалите учествувале девојките. Денес е повод за летни пикници и забави на отворено.