На секои 2 минути по една жена умира за време на бременост или породување / Photo: AA Archive

На секои две минути во светот по една жена умира за време на бременост или породување, се наведува во новиот извештај на агенциите на Обединетите нации (ОН).

Извештајот насловен „Трендови во морталитетот на мајките“ откри алармантни податоци во областа на здравјето на жените во последните неколку години, со оглед на тоа што смртноста на мајките се зголемува или стагнира во речиси сите региони во светот.

Во извештајот се посочува дека е можен напредок во оваа област.

„Иако бременоста треба да биде време на голема надеж и позитивно искуство за сите жени, тоа е трагично и сè уште шокантно опасно искуство за милиони жени низ светот кои немаат пристап до висококвалитетна здравствена заштита“, рече Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на Светската здравствена организација (СЗО).

„Овие нови статистички податоци ја откриваат итната потреба да се осигура дека секоја жена и девојка имаат пристап до критичните здравствени услуги пред, за време и по породувањето и дека можат целосно да ги остварат своите репродуктивни права.“

Извештајот ги следеше смртните случаи на мајки на национално, регионално и глобално ниво од 2000 до 2020 година. Тој покажа дека во 2020 година имало околу 287.000 смртни случаи на мајки низ светот.

Ова е благо намалување во однос на 2016 година кога беа забележани 309.000 смртни случаи.

Иако извештајот покажа одреден напредок во намалувањето на смртноста на мајките во периодот помеѓу 2000 и 2015 година, тој е во застој, додека во некои случаи ситуацијата се влошува.

Во два од осум региони на ОН, Европа и Северна Америка, стапката на смртноста на мајките се зголемила од 2016 до 2020 година за 17 отсто, а во Латинска Америка и Карибите за 15 отсто. Во другите региони, стапката на смртност стагнира.

Во 2020 година, околу 70 отсто од сите смртни случаи на мајки биле регистрирани во Супсахарска Африка.

Генерално, смртноста на мајките останува концентрирана главно во најсиромашните делови на светот и во земјите погодени од конфликти.

Два региони, Австралија и Нов Зеланд, и Централна и Јужна Азија, забележаа значителен пад од 35 и 16 отсто во стапките на мајчинска смртност во овој период, како и 31 земја во светот.

„За милиони семејства, чудото на породувањето е заменето со трагедијата на смртта на мајката. Ниту една мајка не треба да се плаши за својот живот додека носи бебе на светот, особено кога знаењето и алатките се достапни за лекување на вообичаените компликации“, изјави извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел.

Таа рече дека правичноста во здравствената заштита ѝ дава на секоја мајка фер шанса за безбедно породување и здрава иднина со своето семејство.

Во девет земји кои се соочуваат со тешки хуманитарни кризи, стапките на смртноста кај мајките беа повеќе од двојно од глобалниот просек, со 551 случај на смртност на мајки на 100.000 живородени деца, во споредба со глобалниот просек од 223 случаи.

„Со итна акција, повеќе инвестиции во примарната здравствена заштита и посилни, поотпорни здравствени системи, можеме да спасиме животи, да го подобриме здравјето и благосостојбата и да ги унапредиме правата и можностите за жените“, рече Хуан Пабло Урибе, директор на Светската банка за здравство, исхрана и население.

Во извештајот се наведува и дека можеби и пандемијата на Ковид-19 дополнително го запрела напредокот во здравствената заштита на мајките.

TRT Balkan / агенции
Популарни