Заложничката криза во бакна во Стокхолм траеше шест дена и од неа се роди терминот познат во светот / Photo: AFP

Со зборовите на англиски „Сите на подот, нека започне забавата!“, Јан-Ерик Олсон, вооружен со автоматска пушка и под дејство на дрога, упадна во банка во центарот на Стокхолм на 23 август 1973 година.

Тогаш почнува заложничката криза која ќе трае шест дена и од која ќе се роди термин познат во светот. „Стокхолмскиот синдром“ значи создавање на емотивна врска и чувство на наклонетост од жртвата кон киднаперот.

Веста за киднапирањето се шири како шумски пожар. „Јане“ Олсон зема како заложници четворица вработени, три жени и еден маж. Армија од полицајци пристигнува на местото на настанот и елитните снајперисти ја дрќеа на нишан банката.

Разбојникот ги користи двајцата заложници како жив штит и се заканува дека ќе ги убие.

„Често размислував за апсурдната ситуација во која се најдовме“, се сеќава Кристин Енмарк, тогаш 23-годишна, во својот роман-сведоштво „Станав Стокхолмски синдром“.

„Бевме исплашени и притиснати меѓу две смртни закани, едната доаѓаше од полицијата, а другата од киднаперите“, рече таа.

„Јане“ поставува неколку барања: откуп од три милиони круни и ослободување на неговиот колега Кларк Олофсон, еден од најозлогласените шведски криминалци. За смирување на ситуацијата, Владата излегува во пресрет на барањата. Цела Шведска пред нивните телевизии интензивно ја следи оваа несекојдневна црна хроника, една од првите што се емитуваше во живо.

„Кога дојде Кларк Олофсон, тој го презеде водството и почна да преговара со полицијата на свој начин“, се присети во интервју за АФП Бертил Ериксон (73), фотограф кој го следеше настанот. „Имаше харизма, беше добар говорник“, рече тој.

Јан-Ерик Олсон се смири веднаш по пристигнувањето на Олофсон и Кристин Енмарк виде спас во него.

„Тој рече дека ништо нема да ми се случи и решив да му верувам. Имав 23 години и бев преплашена“, пишува таа.

Јан-Ерик Олсон, вооружен со автоматска пушка и под дејство на дрога, упадна во банка во центарот на Стокхолм на 23 август 1973 година AFP

Кристин неколку пати ѝ се обраќа на јавноста и ги брани киднаперите.

„Им верувам целосно. Воопшто не се плашам од нив, ништо не ми направиле. Симпатични се“, рече таа на вториот ден од заложништвото во телефонски разговор со премиерот Олоф Палме. „Дали знаете од што се плашам? Дека полицијата ќе изврши рација во банката“, рече таа.

По шест дена, полицијата одлучува да преземе акција, прави дупка на покривот на банката и распрскуваат гас. „Јане“ се предава, а заложниците се ослободени.

Ниту љубов, ниту физичка привлечност

Во преговарачкиот тим е и психијатарот Нилс Бежерот. За време на кризата, тој го коментираше однесувањето на киднаперите и заложниците, а подоцна го измисли терминот „Стокхолмски синдром“. Овој поим денес е оспорен.

„Тоа не е психијатриска дијагноза“, вели Кристофер Рам, психијатар и научник од Институтот Каролинска, автор на написот „Стокхолмски синдром: психијатриска дијагноза или урбан мит.

Терминот опишува „одбранбен механизам кој ѝ помага на жртвата“ да прифати објективно трауматична ситуација, што, пак, им овозможува да го ублажат стресот што го чувствуваат, објасни тој.

Сесилија Асе, професорка по политички науки на Универзитетот во Стокхолм и експерт за родови прашања, смета дека терминот крие политичка димензија. Изјавите на Кристин и другите заложници властите ги протолкуваа како „сексуализирани, како да се под дејство на некаков синдром“ па изгубиле самоконтрола и разум.

Таквото сфаќање е поттикнато од бројните гласишта, особено за врската на Кристин и Кларк. Иако тие двајца подоцна ќе бидат во врска, нема индикации дека нивната љубовна приказна се родила во банкарскиот трезор во тие августовски денови во 1973 година.

„Од моја страна, немаше љубов, немаше физичка привлечност, тоа беше само шанса да преживеам која ме заштитуваше од Јане“, рече Кристин, која беше инспирација за ликот Кики во серијата „Кларк“ на Нетфликс.

Заложниците всушност „реагираа неверојатно рационално“, оцени Сесилија Асе и додаде: „Тие ги повикаа медиумите, презентираа аргументи и се обидоа да ги убедат политичарите и полицијата да ги пуштат“.

Професорката смета дека „терминот Стокхолмски синдром е измислен“ за да се скрие неуспехот на државата да ги заштити.

Со толку многу полицајци што ја опкружуваа банката, постоеше опасност заложниците да кренат рака врз себе, призна неколку години подоцна началникот на полицијата Ерик Ронегард AFP

Вистинска закана

„Бевме вистинска закана за заложниците“, призна неколку години подоцна началникот на полицијата Ерик Ронегард во книгата која ги доведува во прашање постапките на полицијата за време на грабежот и заложничката криза.

„Со толку многу полицајци што ја опкружуваа банката, постоеше опасност заложниците да кренат рака врз себе“, рече тој.

Дека поранешните заложници беа лути на властите говори и тоа што тие молчеа на судењето на киднаперите. Гледано од психолошки агол, истражувачот Кристофер Рам проценува дека многумина можат да се идентификуваат со терминот Стокхолмски синдром.

„Создавање позитивна емоционална врска со некој што е закана за вас“ е реалност што постои, на пример, во односите каде што едната страна е насилник. Кога ќе се разбере психолошката реакција на жртвата, се ублажува срамот и вината што ја чувствуваат, заклучил тој.

Популарни