Мехмет Чабук (46) имаше емотивна средба со кучето кое го спаси од под урнатините по катастрофалните земјотреси што го погодија југот на Туркије. Тој три дена беше под урнатините на зграда каде работел како портир во Кахраманмараш кога два силни земјотреси ја потресоа јужна Туркије на 6 февруари. Спасувачкото куче Чакил го забележало за време на една од акциите за пребарување и спасување .
Тој бил извлечен од урнатините откако екипите на агенцијата за управување со катастрофи, противпожарните бригади и полицијата работеа 12 часа за да го спасат.
По неговото лекување во болница, Чабук сакаше да се сретне со Чакил.
Екипите го реализираа неговото барање и Чабук и Чакил се сретнаа пред урнатините на зградата каде што беше спасен. Портирот, кој се плаши од кучиња, заборави на тоа и го прегрна Чакил.
„Ти си мое срце, ова е кучето што ме спаси. Ти си мој другар“.
Чабук рече дека кога се разбудил за време на земјотресот во неговиот стан на приземјето, прво помислил дека во станот влегол крадец. Подоцна сфатил дека има земјотрес кога видел дека скалите во зградата се уништени.
„Извикав „Има ли некој да ме спаси.“ Првиот ден некој рече „Ќе те спасиме“ и си замина. Вториот ден спиев малку, погледнав во саатот, повторно беше утро. Повторно викнав да видам дали има кој да ме спаси, а немаше никој“, рече тој.
Во раните утрински часови на третиот ден под урнатините, тој повторно побарал помош и прво го слушна гласот на Чакил надвор.
Подоцна му пришол спасувач и го контактирал.
„Едно лице рече: „Ако можеш да го чуеш мојот глас, удри три пати во бетон“, имав тесла со мене и удрив три пати. После тоа го слушнав нивниот глас. „Дали сте добро?“ ме прашаа: „Да, добро сум.“ реков. Кучето сè уште лаеше“, објасни тој.
„Направија мала дупка во 8 часот и ме спасија во 20.30 часот. Подоцна ме однесоа во болница“.
Чабук се вратил на местото на настанот ден откако бил спасен да го види Чакил.
„Кучето веднаш ме препозна. Се прегрнавме. Да не беше кучето, немаше да можат да ме најдат“, рече тој.
Откако беше извлечен од урнатините, Чабук рече дека го победил стравот од кучиња.
„Го сакам Чакил. Се плашев од кучиња, никогаш не можев да им се доближам (до ниедно куче). Го надминав стравот, фала богу, повеќе не се плашам од кучиња“, додаде тој.
Ергин Јилмаз, и стручен тренер на кучиња во пожарникарската служба во Анкара, рече дека не може да го заборави спасувањето на Чабук и неговото повторно обединување со Чакил.
На 6 февруари, два силни земјотреси - со магнитуда 7,7 и 7,6 степени - ја погодија јужна Туркије.
Масивните потреси, со епицентар во провинцијата Кахраманмараш, потресоа уште 10 други провинции - Хатај, Газиантеп, Адијаман, Малатија, Адана, Дијарбакир, Килис, Османије, Шанлиурфа и Елазиг.
Повеќе од 45.000 луѓе загинаа во земјотресите, а околу 13,5 милиони луѓе се погодени. Истовремено илјадници згради се урнаа по него.